Полицијата се’ уште нема осомничен за убиството во Дебар

И по четири дена од грозоморното убиство во Дебар, полицијата нема осомничен, а идентитетот на убиецот е се уште мистерија. Не е познато кој и зошто го застрела 54- годишниот Амит Поцеста, неговата сопруга Назиме и нивната 14-годишна ќерка Анила, на спиење во нивната семејна куќа.

Обвинителството ги чека резултатите од извршените вештачења на сите траги и материјални докази пронајдени во нивниот дом, а полицијата во Дебар континуирани сослушува лица кои ги познавале жртвите и кои би можеле да помогнат во расветлувањето на случајот.

 

Според извори во истрагата, убиството се случило некаде околу 3 часот по полноќ во саботата кога убиецот влегол во домот и пукал во тричленото семејство. Безживотните тела беа пронајдени следниот ден во неделата околу 20 часот од блиски роднини.

Инаку семејството, кое има уште две возрасни деца, живеело во Италија, а во Дебар биле дојдени на одмор. Возрасните деца си заминале за Италија неколку дена пред трагичниот настан, каде работеле, додека несреќниот брачен пар летниот одмор го продолжил поради веселбата на блиски роднини.