Полицијата штанца фалсификувани пасоши на мафијаши

Министерството за внатрешни работи не знае ниту истражува како најбараниот црногорски криминалец набавил фалсификуван македонски пасош, со кој бил уапсен минатиот месец во Турција. Како што пишуваше НетПрес, Црногорецот Јовица Вукотиќ, лидерот на криминалниот „шкаљарски“ клан, со пасошот патувал во шест европски држави пред да биде уапсен.

Вукотиќ патувал со македонска патна исправа, која прв пат ја употребил  пред неколку месеци, а во која имало негова фотографија, но со име Ѓорѓија Андонов. Од МВР не одговорија на прашањето на НетПрес дали полицијата истражува како криминалец баран преку Интерпол успеал да фалсификува македонски пасош, односно да изработи оригинална патна исправа со лажни податоци.

По извршени проверки во евиденцијата на матичен број не е пронајдено лице Ѓорѓија Андонов. Воедно, во евиденцијата на матичен број не се појавува ниту лицето Јован Вукотиќ, рекоа од МВР.

Според извори од истрагата на српската полиција, пасошот пронајден кај Вукотиќ за време на апсењето на турски ферибот во регионот на Анталија бил полн со печати од пасошки контроли на аеродромите ширум Европа. Во секоја од овие земји влегувал без проблеми, не предизвикувајќи какво било сомневање дека патната исправа што ја подметнувал е фалсификат. Вукотиќ прв пат го искористил пасошот на македонски аеродром, а по излезот од Македонија патувал во пет земји- Шпанија, Полска, Украина, Грција, а потоа и Турција.

Вукотиќ е лидер на организираната криминална група „шкалјари“ која се доведува во блиски врски со најпознатата балканска криминална група на Лука Бојовиќ. Освен за шверцот со дрога, „шкалјарскиот“ клан се товари за низа убиства, како во Црна Гора, така и во Србија

Според МВР, македонските патни исправи од втората генерација се меѓу водечките во Европа во однос на заштитните елементи кои ги поседуваат за надминување на ризиците од потенцијална злоупотреба и фалсификат. Патните исправи содржат преку 20 елементи на заштита поделени во четири категории, почнувајќи од самата хартија, преку заштитата на страницата за личните податоци, па се до заштитата при персонализацијата во машински читливата зона и заштитата при внесувањето на податоците во чипот од втората генерација, стои во реакцијата. Дополнително, пасошот може да го активира само неговиот сопственик со сопственикот со оставање на отпечаток од прст при подигањето на документот. Дополнително само на страната за лични податоци има повеќе од 20 заштити од фалсификување.

Дека станува збор за оригинален пасош е фактот што Вукотиќ се чуствувал сигурен со него и патувал низ цела Европа, а бил откриен благодарение на ревноста на турската полиција и размената на разузнавачки податоци со полицијата на Србија.

Од досегашните искуства познато е дека пасошот може да се фалсификува само преку користење на податоци од евиденцијата на матичните броеви, односно преку евентуално фалсификувани документи на барателот на исправата кои биле внесени во евиденцијата или со помош на вработени од МВР, кои во пасошот ќе употребат податоци за починато или друго лице, но со фотографија на корисникот.

Ова е прв пат, барем колку што е познато во јавноста да биде фалсификуван пасош со податоци кои не постојат во матичната евиденција, што подразбира дека можел да биде изработен само од вработени во МВР и тоа барем неколку лица, или, пак со наредба од некој функционер во министерството.