Полициска рација во Германија против Граѓаните на Рајхот, ранет полицаец

При претреси насочени против групацијата Граѓани на Рајхот (Reichsbürger) во средата на југот на Германија со огнено оружје е повреден припадник на германските специјални полициски единици.

Во текот на претресите на објекти спроведени во неколку германски сојузни покраини во рамките на истрагата против движењето Граѓани на Рајхот, во Ретлингн на југот на Германија на еден од полициските специјалци бил истрелан куршум кој полесно го повредил, пренесуваат медиумите повикувајќи се на сојузното обвинителство.

Осомничениот е уапсен и против него е покрената истрага поради обид за убиство, се додава во објавата. Во 2016 година при обид за одземање на оружје од припадник на Граѓаните на Рајхот во Нирнберг беше смртно застрелан еден полицаец.

Рано утрото припадниците на специјалната полиција, по налог на главниот државен обвинител во Карлсруе, извршиле претреси против 19 припадници на сцената која ги обединува ткн Граѓани на Рајхот, на локации во седум сојузни покраини.

Граѓани на Рајхот е заеднички назив за движењето чиишто припадници не го признаваат постоењето на денешната Сојузна Република Германија и бараат враќање на границите на Германија пред 1945 година. Тие, исто така, не ги признаваат и германските институции. Нивната бројка се процени на околу 20.000, а многумина од нив поседуваат огнено оружје.

Претресите се поврзани со големата акција од декември минатата 2022 година кога беа уапсени 25 лица од истото милје, коишто се сомничат за планирање терористички напади со цел уривање на иставниот поредок на Германија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.