Полициски службеник избоден враќајки се од работа

„На 15.01.2023 во 02.26 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Козле“, поради недоразбирање во сообраќајот, М.М.(54) од Скопје бил повреден со остар предмет од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, се вели во билтенот на МВР за еден случај што вечра се случил во скопската населба Козле.

Но, според извори на Нетпресс, во посочениот временски период скоро до смрт бил избоден полициски службеник кој се враќал од работа.

Изворот на Нетпрес вели дека напаѓачот бил ѕверски агресивен, го бодел со боксирач на кој имало сечило од нож. Го избодел скоро до смрт.

Повредениот полициски службеник во моментов е на Карил, и како што вели изворот, едвај го спасиле. Вратот му бил пресечен и отворен, исто така стомакот е повреден на неколку места. Глетка од која идат морници.

Засега нема информации за сторителот, а делото е квалификувано како „убиство во обид”.

Побаравме одговор од МВР за тоа кој стои зад нападот на полицаецот и дали е фатен извршителот, но до завршувањето на работното време се уште немаше одговор.

Од Карил поради остеливоста не можеа да дадат информации за состојбата на повреденото лице.