Полицискиот час во Албанија воведен од ноември 2020 сѐ уште останува на сила

Албанскиот национален комитет на експерти за справување со пандемијата, на денешната седница оцени дека ситуацијата со пандемијата достигнува кулминација, во просек со по над 1.700 нови случаи на дневно ниво и одлучи да ја продолжи важноста на досегашните антиковид мерки.

Како што изјави Мира Ракацоли, претседателка на комитетот и заменик министерка за здравство, иако инфекциите бележат рекорден раст, во послените две недели, одлучиле да не воведуваат нови дополнителни мерки, туку оставаат на граѓаните строго да ги почитуваат веќе постојните антиковид мерки, за кои призна дека недоволно се почитуваат.

„Евидентно е значително зголемување на случаите, кај млади возрасни групи до деца, но без придружба со иста стапка во хоспитализацијата. Нивото на мерки за заштита што се во сила се во согласност со епидемиолошките случувања. Нема да има промени. Постојат две варијанти на коронавирусот во оптек, Делта и Омикрон, како и сезонскиот вирусот на грип“, рече Ракацили.

На граѓаните и правните субјекти, додаде таа, кои заборавија на заштитните маски и протоколите, оставаме да бидат поодговорни за да не мораме да воведуваме дополнителни ограничувачки мерки.

Според тоа, додаде Ракацоли, полицискиот час воведен во средината на ноември 2020 година останува и понатаму и тоа од 23 до 6 часот, музика во угостителските објекти се дозволува до 23 часот, групни собирања до 50 лица а присуство на спортски и културни настани со 30 отсто исполнетост од капацитетот.

Лицата кои влегуваат во Албанија од сите гранични премини, освен деца до шестодишна возраст мора да поседуваат сертификат за вакцинација, при што од денот на ревакцинацијата треба да изминале најмалку две седмици, или негативен PCR тест не постар од 72 часа, брз антиген тест не постар од 48 часа или потврда дека прележале Covid-19, валиден до шест месеци по заздравувањето.

Комитетот оценува дека неповолната епидемиолошка состојба е последица на непочитувањето на мерките и групирањето за време на божикните и новогодишни празници, како и присуството на голем број иселеници, кои за празниците беа дојдени од западно европските земји