Полицискиот час значи дека имаме неспособна Влада која не носи вакцини, туку носи мерки кои значат казнување на граѓаните

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски на новинарско прашање што мисли околу потегот на Владата да го зголеми полицискиот час, истакна дека полицискиот час важи само за оние граѓани кои што чесно и поштено го почитуваат, а не важи за државните функционери кои летуваат во ексклузивни места во светот.

„Гледаме дека и сегашната состојба со голем број заразени и голем број на жртви е доволен показател дека ваквите паушални мерки не ги даваат потребните резултати. Штом немаме вакцини за имунизација на населението, секоја друга мерка не може да биде компатибилна со она што е реална потреба. И на крајот на краиштата, полицискиот час значи дека имаме неспособна Влада која што носи мерки кои на некој начин значат казнување на граѓаните“, истакна Милошоски.

Смета дека ова е поигрување и не конзистентно однесување на власта.

„Пред една година само за 200 заразени дневно Владата воведуваше долго дневни карантини, а сега гледаме дека тој принцип не важи. Тоа само покажува дека власта си игра политика, наместо да го менаџира овој здравствен ризик кој што донесува голема економска штета“, посочи Милошоски.