Полицискиот синдикат повторно бара усогласување на платите во МВР со сродните институции

Македонскиот полициски синдикат повторно во понеделникот реагираше што во Предлог-буџетот за 2018 година не се предвидени средства за усогласување на платите на вработените во МВР со платите во сродните институции и најави дека ќе лобира кај парламентарните политички партии преку амандмани да се обезбедат средства за оваа намена.

„Ги повикуваме политичките чинители во Собранието на Република Македонија да не останат неми на нашиот повик за институционално решавање на овој проблем и преку поднесување амандмани да се обезбедат средства за договореното усогласување со цел синдикалните активности да не се прелат надвор од институциите на државата“, изјави претседателот на Македонскиот полициски синдикат Ацо Антовски.

Посочи дека реагирале и побарале средби со претседателот на Владата и министрите од ресорните министерства со цел да се надмине проблемот, но оти досега таква средба не е реализирана.

Според Македонскиот полициски синдикат, во јуни 2017 година за потребата од продолжување на процесот на усогласување писмено бил известен и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Од Синдикатот посочуваат дека во 2014 година со Владата на Република Македонија е договорено да отпочне процес на усогласување на платите на вработените во МВР со платите во сродните институции и оти согласно договорената динамика тоа требало да се реализира заклучно со исплатата на платата за декември 2017 година.

Досега усогласувања на платата се реализирани во 2015 и 2016 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.