Политичарите живеат подолго од граѓаните што ги претставуваат, покажа студијата на научниците од Универзитетот Оксфорд, кои споредија податоци во 11 земји и го следеа животниот век на повеќе од 57.000 политичари од почетокот на 19 век до денес. Анализата покажа дека политичарите живеат во просек 4,5 години подолго од населението од кое доаѓаат.
Разликата во животниот век на политичарите и „обичните“ граѓани варира од земја до земја и е најголема во Италија со 7,5 години. Најмала е во Швајцарија – три години.
Истражувачите велат дека разликата во животниот век може да се должи на високите примања на политичарите, што влијае на нивниот начин на живот и пристап до здравствена заштита.Тоа може да се види според разликата во приходите на британските пратеници, кои заработуваат повеќе од 84.000 фунти на година, додека просечната годишна плата во ОК е 24.600 фунти.
Научниците забележале дека со текот на времето се зголемува разликата во животниот век на политичарите и остатокот од населението, што важи за речиси сите земји. Така, кон крајот на 19 век и почетокот на 20 век, политичарите и остатокот од населението живееле речиси исто.
Меѓутоа, во текот на 20 век разликата во животниот век се зголемила, па политичарите добиле поголема предност за преживување во однос на општата популација.
Заклучокот од истражувањето е дека политичарите живеат најдолго во Италија, дури седум и пол години подолго од нивните сонародници. Политичарите во САД живеат седум години подолго, во Франција шест, а во Германија четири и пол години подолго од другите граѓани. Во Канада, Нов Зеланд и Австрија претставниците на граѓаните живеат четири години подолго, во Австралија, Холандија и Велика Британија три и пол години, а во Швајцарија „само“ три години подолго.