Политичка партија ја известила Амбасадата на САД: 83 поранешни осуденици добиле оружје за да ги попречуваат изборите

Повеќе пријави за евентуални изборни нерегуларности на подрачјето за Скопје се пристигнати до Основното јавно обвинителство кое формираше посебна Комисијата за следење на евентуални нерегуларности поврзани со изборите.

Од обвинителството преку соопштение до јавноста информираат дека, меѓудругото, утрово добиле известување од Амбасадата на САД дека едно лице од политичка партија вчера се обратило до нив и споделило информација дека 83 лица, поранешни осуденици, добиле огнено оружје со цел попречување на изборниот процес.

„На 17.10.2021 година во 09:04 часот по лотус добиено е известување од страна на Оперативниот штаб, доставено од страна на Амбасада на САД во кое известуваат дека едно лице од политичка партија,  на 16.10.2021 година се обратило до нив и споделило информација дека 83 лица кои биле повеќекратно осудени сторители на кривични дела и се на слобода, добиле огнено оружје со цел попречување на изборниот процес, како и дека друго лице – познат сторител на кривични дела поседува оружје и дека на денот на гласањето ќе изврши кривични дела со кои ќе го загрози животот и телото на лица – членови на политичка партија.  По приемот на известувањето преку МВР, СВР Скопје се проверуваат наводите од пријавата и се преземаат оперативни мерки за проверка на лицата и разговор со подносителот на пријавата, а заради утврдување евентуални основи на сомнение за сторено кривично дело, за кое гонењето се презема по службена должност“, велат од обвинителството.

Во претходните денови, Комисијата постапуваше по сознанија за евентуално сторени кривични дела поврзани со организирањето и спроведување на локалните избори и дадени се задолженија до основните јавни обвинителства за итно постапување, односно за формирање предмети и преземање на сите дејствија за утврдување на релевантни факти од кои зависи правилната примена на Кривичниот законик, додаваат од обвинителството.

 

Дежурен јавен обвинител од скопското обвинитeлство денеска е присутен во седиштето на СВР Скопје каде се следат сите настани поврзани со неправилности  за локалните избори.