Политиката е многу неблагодарна професија, но нуди можност да се остави нешто за идните генерации

„Причината поради која што решив да се занимавам со политиката е можноста да оставите нешто за луѓето зади вас. Да ја подобриме државата и да оставиме една трага во историјата дека во тоа време, тие луѓе ја направиле таа промена“, вели потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ, Александар Николоски

Александар Николоски, потпретседател на политичката партија ВМРО ДПМНЕ, со политика започнал уште како доста млад, а на 22 години станува најмладиот пратеник во историјата на Македонија. Во интервјуто раскажува за неговите почетоци во кариерата и за тоа каков е во приватниот живот.

Како Александар влезе во политиката и што е она што те натера да го одбереш тој правец во кариерата?

Со политиката започнав многу млад на мои 20 години, инаку во јавниот живот сум од 17-та година, бидејќи бев претседател на Средношколската унија на Македонија. Тоа беше еден интересен период, во тоа време беше тешко да се запишете на факултет поради големата партиципација која требаше да се плати, што беше огромен трошок за семејствата. Јас започнав едно движење или мини револуција против тоа и средношколците го поддржаа мојот подвиг и успеавме да ја намалиме партиципацијата на она што е денеска. На овој начин станав популарен меѓу средношколците. По завршувањето на средното образование се запишав на факултет каде што редовно студирав во првите две години и потоа во 2004 година се случи почетокот на реформите во ВМРО ДПМНЕ кога во тоа време Никола Груевски реши да го отстрани наследството од Љупчо Георгиевски. Јас тоа го забележав и веднаш го побарав Никола и му се понудив да помогнам во партијата на било кој начин бидејќи ми се допаѓаше правецот во кој се движеше. Потоа бев избран за претседател на Унијата на млади сили или младинската организација на партијата во која што членуваат сите кои имаат до 28 години. Во тој период успеавме да станеме најсилна младинска организација и за само една една година успеавме да собереме 20 000 членови. Во 2006 година бев избран за пратеник и од тогаш започнав формално да дејствувам во политиката.

Во политиката влезе доста млад. Како е да се биде најмлад пратеник во собранието на Македонија во тоа време?

Тогаш имав само 22 години и сеуште немало помлад пратеник во Македонија. Ова беше навистина интересно и комплетно ново искуство. Младите го препознаа тоа затоа што тогаш прв пат во политиката се даде шанса на млади луѓе. Претходно тоа биле сериозни господа, со сериозни фризури и костуми и немале многу чувство за младите. Лично ми беше тоа голем предизвик, ми се промени животот многу, како на професионален така и на приватен план. Тоа беше доста интересно и за јавноста и многу Ваши колеги сакаа да направат интервју со мене. И покрај што бев млад во политиката, јас продолжив со мојот вообичаен живот, многу често излегував и навистина ми беше интересно како го спојувам едното со другото.

Како балансираш семејство, пријатели, и време за себе со работата знаејќи дека си постојано со обврски?

Искрено не успевам. Мислам дека кој ќе ви каже дека успева, не е искрен. Многу сум благодарен на мојата фамилија, на пријателите и на сопругата што издржуваат и ме поднесуваат, зошто ако сакате да успеете во овој живот кој јас го водам, тогаш потребно е 24 часовна посветеност. Денот ми започнува околу 09:00 часот наутро и завршувам секој ден помеѓу 23:00 и 01:00 часот по полноќ. Тоа е темпо кое што не ви остава многу простор за фамилија или за пријатели. Од седум работни дена во неделата, јас работам сигурно шест, а некогаш и повеќе, но се обидувам неделното попладне да го поминам во одмор. Морам да кажам дека сопругата ми дава огромна поддршка и добро е што и таа има интензивно темпо на живот и се вклопуваме двајцата. Немам многу простор за приватен живот но сите ние сами си ги правиме изборите. Не би сакал целиот мој живот да го поминам во политика, па веројатно во мојот втор дел од животот би имал повеќе време за другите работи.

Што е она што те инспирира во животот? Дали имаш нешто што е мотив за тебе и што те води?

Причината поради која што решив да се занимавам со политиката иако е многу неблагодарна професија е можноста да оставите нешто за луѓето позади вас. Јас сакам да оставам нешто кое што ќе го паметат идните генерации. Да ја подобриме државата и да оставиме една трага во историјата дека во тоа време, тие луѓе ја направиле таа промена. Тоа е главниот мој мотив зошто се занимавам со политика.

Што би им порачал на младите? Колку според тебе младите во Македонија се спремни да ризикуваат за успех?

Често се среќавам со помладата генерација и мислам дека има млади кои се спремни за успех. Имаме неколку фантастични генерации кои се самостојни и амбициозни. Најголем фактор за ова е развојот на технологијата, а преку неа започнуваат од млади да заработуваат и да се снаоѓаат. Последниве неколку генерации мислам дека ќе дадат многу за државата во следниот период. Би им порачал на младите да си ги следат соништата и да не зависат од никого и да не слушаат никого. Добро е да примаат совети, но на крај сами да си ги носат одлуките. Она што исто така им го препорачувам е што повеќе да се насочат кон науката и технологијата, бидејќи ако не ги следите, нема да можете да опстанете во ова општество денеска. Треба да бидат бунтовни особено кон нас кои се занимаваме со јавен живот и политика. Мора да не критикуваат и не смеат да ни кажуваат дека за се сме во право бидејќи тоа е нешто што го уништува секого.

Без кои пет работи не можете да си го замислите денот?

Утрински стартувам со смути, потоа морам да се напијам добро кафе, интензитетот кој што го имам во текот на денот, ручек или вечера со сопругата и предизвикот што ќе правам утре бидејќи некако тоа ми дава адреналин.

Колку според тебе во политиката е важно да се изгледа добро? Колку е важно да се има добро одело? Како тоа изгледа во очите на политичарите кај нас и во светот?

Мислам дека е доста важно да се изгледа физички добро, па поради тоа што сме јавни личности треба да изгледаме пристојно. Во однос на облекувањето не мислам дека тоа треба да биде нешто неконвеционално, ниту тоа што го носиме да биде прескапо бидејќи не одговара на тоа што е реалноста во Македонија. Треба да биде скромно, но културно. Јас никогаш не сум се согласувал со оние политичари кои што не ги почитувале правилата, па на официјални настани одат без вратоврска или по џемпер. Тоа е во ред за обичните луѓе, а ние не смееме да си го дозволиме тоа.

Каков е Александар приватно? Како го поминуваш слободното време и колку посветуваш време за себе?

Се доживувам како забавен и интересен лик. Многу луѓе ми го кажале тоа дека имаат поинаква перцепција за мене од јавноста и приватното. Сакам хумор и забава, тоа ми е од дете и се трудам да го правам тоа многу често се надевам на симпатичен начин за пријателите. Сакам да правам хумор на моја сметка бидејќи сметам дека интелегентни луѓе се оние кои што можат да издржат ваков тип на критики. Се обидувам да одам во Охрид секогаш кога можам бидејќи таму живеат моите родители и родителите на мојата сопруга. Охрид го обожавам и навистина многу го сакам во секој период од годината. Таму пораснав и тоа ми е една убава духовна енергија. Сакам да патувам кога можам, да пешачам на Водно и уживам во добар пијалок и добра забава. Некако излегувањето ми остана во крвта и покрај оваа набиена агенда, знам еднаш неделно да излезам.