11.8 C
Skopje
четврток, април 25, 2024

Политиката успеа да го згасне Вардар и да го избркаа Самсоненко?!

По вчерашниот пријателски натпревар против Црвена звезда, на фудбалерите на Вардар им било соопштено дека Сергеј Самсоненко си заменува од клубот и тие ќе бидат ослободени од договорите и ќе можат да си заминат.

Проблемите кои ги имаше спонзорот Самсоненко околу спорни случаи, политичките игри, и немањето поддршка од државата, го избркаа рускиот спонзор кој остави траен белег и во ракометниот и во фудбалскиот тим. Фудбалскиот тим играше историски во групата од Лигата на Европа, со ракометарите освои две европски шампионски титули.

Финансиските проблеми на клубот беа евидентни и поради доцнењето на платите за спортистите во вардаровото семејство, кои не беа резултат само на влошената финансиска состојба туку и блокирањето на финансиските трансфери од државните институции. Ваквата состојба направи многу клучни играчи да си заминат од тимот и да си ја бараат среќата на друго место.

Според информациите Самсоненко ќе го врати клубот на Град Скопје кој ќе бара нов сопственик, а додека не го најде веројатно ќе го води со скромен буџет.
Ова не е првпат Самсоненко да најави заминување од Вардар па да биде предомислен. Можеби ова е уште една таква епизода, но можеби овојпат и навистина ќе си оди. Повеќе информации се очекуваат кон крајот на седмицата.
Самсоненко и минатата пролет најави дека ќе си заминува од Вардар, поради како што рече, влошената финансиска состојба во клубот, односно константното задолжување за финансирање на клубот, без притоа никаква помош од државата.
Напротив државата наместо да му помага веќе две и половина години му одмага на Самсоненко и на Вардар, правејќи сѐ за рускиот бизнисмен да си замине од Македонија. Самсоненко во скопската населба Аеродром градеше Руска православна црква, чија изградба општина Аеродром на чело со Златко Марин градоначлник од редовите на СДСМ ја прекина. Притоа Марин, исто така, го раскина договорот кој општината го имаше со Самсоненко за користење на тениските игралишта на кејот од Вардар.

Во октомври 2019 година, Самсоненко и неговиот адвокат, Александар Новаковски ги открија причините поради кои двата клуба се најдоа во финансиски проблеми. Самсоненко тврди дека поранешен негов близок соработник заедно со сопственик на фирма се обидуваат да му земат речиси два милиони евра. Тие се погрижиле фирмата да отиде во стечај заедно со имотот на атрактивна локација, објави тогаш Спортмедиа.

Според информации на порталот, договорот за изградба на објектот на скопскиот плоштад го добил на најтранспарентен начин од државата и притоа ги платил сите дотогаш доспеани долгови. Поради инвестициите кои ги направил во спортот, дошло до извесно доцнење во плаќањето на фирмите кои биле ангажирани за изградба на објектот. Проблемот со сите доверители, освен со еден бил решен со меѓусебен договор за подоцнежна исплата.

„Имаме сомнеж дека се работи за организирана шема, со спрега со фирми, посредници и дел од надлежните, позната во светот како организирано преземање на објект со намалување на цената, негово фиктивно обезвреднување и нанесување на штета“, рече адвокатот Новаковски.

На Самсоненко не му било кажано дека неколку дена претходно, на 18 ноември, е солемнизиран Договор за деловно техничка соработка, за што никој немал овластување.

По неколку дена сопственикот е известен од банката дека се блокирани сметките на „БАЛКАН ГРУП КОНСТРАКШН“ и „СИС ИНВЕСТ ГРУП“ од страна на фирмата која даде предлог за отворање стечај, појаснува Новаковски, кој вели дека договорот за деловно–техничка соработка всушност бил фалсификуван, зашто од претходно постоеле договори за градба и за гаранција.

Првиот човек на РК и ФК Вардар потенцира дека тој во ниту еден момент не се покајал што одлучил да го врати спортскиот дух во нашата земја, и се радува што успеал да го врати спортскиот дух, веројатно мислејќи на освоената втора европска шампионска титула со Вардар.

„Во оваа држава, која ја чувствувам како своја, се радувам што успеавме да го вратиме спортскиот дух и ниту еднаш не се посомневав дека мојата одлука да вложам труд и финансиски средства во неа е исправна. Мојот труд и инвестиции не се само во афирмација на спортот туку и во инвестирањето и изградба на значајни објекти. За жал, дојде момент кога се соочив со непријатни случувања и луѓе кои се обидуваат да го оспорат и да го негираат моето работење и труд кои резултирале со успех“, рече Самсоненко.