Политико: Шоуто на Трамп со Косово е за да им се додвори на гласачите

И покрај непредвидливоста која ги опкружуваше преговорите меѓу Белград и Приштина во Вашингтон, едно беше јасно уште од самиот почеток: тоа ќе бидат преговори кои се „тенки“ по суштина и „силни“ по публицитет, пишува бриселскиот портал „Политико“.

Како што пишува „Политико“, никој не се изненади што резултатот – потпишувањето на два посебни документи потпишани од секоја од страните одделно – одразува површност и недостаток на планирање.

„Во суштина, ова е повторно воспоставување на работите што веќе беа договорени меѓу Косово и Србија. Примарната цел на „договорот“ од петокот не беше унапредување на дијалогот, туку промовирање на кампањата на Доналд Трамп“, пишува „Политико“.

Како што е наведено понатаму во текстот, не е изненадувачки што двете страни го напуштија состанокот, секоја со свој „наратив“ за домашна употреба.

„Белата куќа прогласи победа во напредокот на мировните преговори во долготрајниот конфликт. Српскиот претседател Александар Вучиќ ги толкуваше настаните како билатерална средба со Вашингтон, насочена кон подобрување на билатералните односи. Косово, од друга страна, го регистрираше состанокот како победа затоа што доби признание од Израел“, се вели во текстот.

Ништо од тоа не го придвижи дијалогот напред.

Додворување на базата

„Некои од инфраструктурните проекти се веќе започнати и се финансирани од ЕУ. Да биде јасно, има и нови моменти. Признавањето на Косово од страна на Израел, на пример, што е само по себе добра вест, но има помалку врска со дијалогот со Србија, а повеќе со желбата на Трамп да се додвори на својата евангелска база“, се вели во текстот.

САД ветуваат дека ќе играат позначајна улога, вклучително и преку инвестиции.

По која цена?

„Политико“ пишува дека, за да се случи договорот, Гренел помогнал во соборувањето на реформската влада на Косово на премиерот Албин Курти и го присилил Трамп да се закани со повлекување на американската армија од Косово.

„Ова е аматерска дипломатија, а причинетата штета ги намалува сите придобивки. Вистинскиот предизвик во дијалогот е спроведување на договореното. Безброј регионални договори, подобро подготвени од овој потпишан во петокот, остануваат неисполнети“, наведува „Политико“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.