Половина тон марихуана откриена во камион на Богородица

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во координирана акција со Министерството за внатрешни работи и Царинската управа заплени 513.728,5 грама наркотична дрога марихуана, спакувана во 181 пакување со различна големина и тежина.

Дрогата е пронајдена при контрола на камион со скопски регистерски таблички на Граничниот премин Богородица, на излез од Република Македонија, во специјално направен бункер на кровот на приколката, соопштија денеска од Јавното обвинителство на РМ.

Возачот на камионот е лишен од слобода и по барање на надлежен обвинител во текот на денот ќе биде изведен пред судија на претходна постапка во Основниот суд Скопје 1 Скопје, додека по едно лице се трага.

Пронајдената дрога во Република Македонија е влезена од Република Албанија, а била наменета за нарко пазарот во Република Турција. Според првичните информации, се работи за меѓународна криминална група во која се вмешани државјани на Република Македонија, Република Албанија и Република Турција.

За понатамошниот тек на постапката јавноста ќе биде дополнително информирана.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.