Половината од светската популација лошо се храни

Речиси половината од светската популација е подложена на лоша исхрана, што штетно влијае врз здравјето но има и негативни последици за планетата, се истакнува во годишниот извештај кој во вторникот под насловот „Глобален извештај за исхраната“ (GNR) објавен според податоците што ги собрале агенциите како ОН, ФАО, СЗО и УНИЦЕФ.

Според податоците на GNR, 48 отсто од луѓето на Земјата во овој момент консумираат премногу или премалку храна. Доколку продолжи актуелниот тренд, светот нема да успее да ги исполни осум од деветте прехранбени цели на Светската здравствена организација (СЗО – WHO) до 2025 година.

Особено тоа се однесува на намалувањето на преслабите деца за својата височина, заостанувањето на децата во развојот, односно на децата кои се премали за својата возраст, како и на намалувањето на бројот на дебелите возрасни лица.

Во извештајот се вели дека речиси 150 милиони деца во светот помлади од пет години, заостануваат во физичкиот развој, повеќе од 45 милиони се преслаби за својата возраст, а истовремено речиси 40 милиони во светот патат од прекумерна телесна тежина.

Извештајот открива и дека во светот се дебели или патат од поголема телесна тежина повеќе од 40 отсто од мажите и жените, што изразено во бројки изнесува 2,2 милијарди луѓе.

„Бројот на смртните случаи поради лошата исхрана, кои би можеле да се избегната или спречат, од 2020 година се зголемил за 15 отсто и сега сочинува четвртина од сите смртни случаи кај возрасните лица во светот“, изјави за AFP, претседателката на групата независни стручњаци на GNR, Рената Миша.

„Глобалните резултати до коишто дојдовме упатуваат на тоа дека во последните десет години начинот на исхраната на населението не е подобрен и денес претставува закана за здравјето на луѓето и зачувување на планетата на којашто живееме“, додава Миша.

Според податоците од извештајот, луѓето не ги консумираат препорачаните количества на продуктите кои се добри за здравјето, како што се овошјето и зеленчукот. Оттаму, не изненадува што земјите со ниски приходи бележат најмала потрошувачка на овие продукти.

Истовремено жителите на земјите со повисоки приходи консумираат најмногу храна која има штетно влијание врз здравјето, а станува збор за премногу црвено месо, млечни производи и засладени и газирани пијалаци. Во овие земји евидентиран е и најголем број лица со прекумерна телесна тежина.

Во GNR, исто така, пресметале и дека глобалната побарувачка на храна во 2018 година произвела дури околу 35 отсто од емисиите на гасовите кои го предизвикуваат ефектот на стаклената градина врз климатските прилики на планетата.

„Храната од животинско потекло, воопшто, има поголем еколошки отпечаток од производот од храната од растително потекло“, се наведува во извештајот.

На крајот се наведува податокот според кој пандемијата на Covid-19, не само што глобално значително ги нарушила прехранбените и здравствените системи, туку и во екстремна сиромаштија турнала дополнителни 155 милиони луѓе.