Положи заклетва новиот црногорски претседател Јаков Милатовиќ

Се колнам дека должноста претседател ќе ја извршувам одговорно, чесно, совесно, правично и непристрасно, согласно уставот и законот на Црна Гора, изјави во текот на полагањето на свечената обврска со која новиот црногорски претседател Јаков Милатовиќ во саботата ја презеде функцијата.

На инаугурацијата присуствуваа најголем дел од лидерите на соседните земји, меѓу кои и српскиот претседател Александар Вучиќ, членовите на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ и Жељко Комшиќ, косовската претседателка Вјоса Османи и албанскиот премиер Бајрам Бегај, хрватскиот претседател Зоран Милановиќ. На свеченоста присуствуваше и поранешниот претседател на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ.

Во говорот, кој медиумите го оценуваат како „проевропски“, Милатовиќ рече дека ја презема функцијата во историски момент, ветувајќи дека ќе биде генератор на дијалог за постигнување консензус и забрзување на европскиот пат на Црна Гора.

„Мојата мисија е Црна Гора со еднакви можности за сите граѓани, во која напорната работа и образованието се главни фактори за успех во животот… Ќе бидам кохезивен фактор во заедничката борба за подобра Црна Гора. Градењето демократски институции е задача на сите“, рече новиот црногорски претседател.

Милатовиќ беше избран за петгодишен мандат на почетокот на април кога доминантно го победи Ѓукановиќ во вториот круг од претседателските избори.

Од стекнувањето на независноста на 21-ви мај 2006 година, функцијата претседател на Црна Гора ја извршуваа Филип Вујановиќ, кој беше избран во 2008 и 2013 година, и Ѓукановиќ кој го доби мандатот во 2018 година.

Милатовиќ беше министер за економски развој во владата на Здравко Кривокапиќ, првата влада формирана по парламентарните избори во 2020 година, кога Демократската партија на социјалистите (ДПС) на Ѓукановиќ беше поразена по триесет години на власт.

Откако таа влада го загуби мнозинството, Милатовиќ ја основа партијата Движење Европа сега, која според анкетите има најголема поддршка од гласачите и е најверојатниот победник на претстојните парламентарни избори на 11-ти јуни.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.