Полска ја обвинува ЕУ за политика на двојни стандарди

17

Полска денеска ја обвини Европската унија дека води политика на двојни стандарди во врска со критиките на Брисел за новиот закон за правосудство, кој дозволува разрешување на судиите кои се критични кон владините реформи.

Еден ден откако Европската комисија објави дека е „многу загрижена“ за состојбата со владеењето на правото во Полска, заменикот-министер за надворешни работи на Полска, Павел Јаблонски, го опиша ставот како „многу сериозна недоследност“.

Неговата проценка се однесува на препораката на Европската комисија од крајот на 2017 година, во која извршната власт на ЕУ ги повика полските власти да „се воздржат од постапки и изјави што може дополнително да го поткопаат легитимитетот на Врховниот суд, другите судови и судии, индивидуално или колективно, или судството како целина “.

Европската комисија вчера побара од највисокиот суд на ЕУ да го „замрзне“ новиот полски закон со кој се дозволува разрешување на судии кои ги критикуваат владините реформи.

Пратениците од Долниот дом на полскиот Парламент во четвртокот го поддржаа спорниот предлог закон, по што претстои да биде потпишан од претседателот Анджеј Дуда, кој изрази поддршка за законот.

Законот беше предложен од владејачката конзервативна партија Право и правда, која бара поголема контрола врз судството, а наиде на осуди и од Европската унија, Обединетите нации и други меѓународни тела, како и домашни правни експерти и опозицијата. Критичарите оценуваат дека со тој закон се кршат принципите на Европската унија и демократската поделба на власта.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.