Полска: Државно тело ќе дели средства на невладините организации

Конзервативниот полски претседател Анджеј Дуда објави во петокот вечерта дека потпишал закон за формирање службено тело за доделување на финансиски средства на невладините организации, што опозицијата го оценува како обид за контрола над граѓанскиот сектор.

Државниот институт за слобода –Центар за развој на граѓанското општество, коешто ќе биде присоединето на кабинетот на премиерот, ќе биде во надлежност на другото ново тело – Комисијата за општополезни работи во кое влегуваат високи функционери на неколку министерства. Директорот на институтот ќе го именува претседателот на Комисијата, кој е член на владата.

Вицепремиерот и министер за култура, Пјотр Глински, изјави дека според него новиот закон „им одговара на потребите на невладините организации, особено на оние помалите и локалните коишто досега немале соодветна поддршка, па и од државата“.

Опозицијата без успех бараше повлекување на законот со којшто, како што тие тврдат, се воведува „контрола на владата над невладините организации“ и се создава простор за „идеолошки мотивирани одлуки“.

Воздржаност изразија и многу невладини организации главно финансирани од странство, полскиот активист за човекови права Адам Боднар и Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Парламентот во кој убедливо мнозинство има конзервативната партија Право и справедливост (PiS), го изгласа овој закон во средината на септември.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.