Полска: Дуда верoјатно прво ќе му го даде мандатот на PiS да ја формира владата

Полскиот претседател Анджеј Дуда најверојатно можноста за формирање влада по неделните избори прво ќе ја даде на партијата којашто добила поединечно најмногу гласови, а тоа е досега владејачката Прав и правда (PiS), изајви неговата помошничка Малгоржата Папроцка.

Запрашана од приватен телевизиски канал дали PiS ќе го добие мандатот за составување влада, Папроцка ноќта кон понеделникот одговори „Така тоа сега изгледа, гледајќи ги членовите од Уставот, гледајќи ја традицијата“.

Според излезните анкети суверенистичката десна PiS освоила 36,8 отсто од гласовите. Најблиска ѝ е опозициската Граѓанска коалиција (КО) со 31,6 отсто, а центристичкиот блок „Трет пат“ е трет со 13 отсто, додека Левицата освоила 8,6 проценти од гласовите. Така опозициските партии се поблиски до освојување мнозинство во Сејмот (полскиот парламент), особено што коалицискиот партнер на PiS, националистичката и евроскептична Конфедерација потфрли и освоила само 6,2 отсто од гласовите.

Во Полска се избираат 460 членови на Сејмот, долниот дом на парламентот, и 100 членови на Сенатот, горниот дом.

Лидерот на опизицската КО, поранешниот премиер Доналд Туск, по објавувањето на резултатите од излезните анкети изјави дека е убеден во победа на изборите. Резултатите ги опиша како „крај на лошите времиња“ и крај на владењето на PiS.

„Никогаш не сим бил толку среќен како што сум денеска со второто место. Демократијата победи. Го тргнавме PiS од власта“, изјави Туск.

Челникот на PiS, Јарослав Качински потврди дека се сомнева во победата на неговата партија.

„Прашање е дали ќе биде возможно овој успех да се претвори во наш следен мандат на власт. Сѐ уште не го знаеме тоа“, рече Качински чија партија во два последователни мандата со надмоќни изборни победи ја водеше Полска.

Неговиот партиски колега, полскиот премиер Матеуш Моравјецки, порача преку социјалните мрежи дека PiS е „победник на изборите“.