Полска ќе ги испрати германските тенкови во Украина и без одобрување од Берлин

Германското одобрение за тенковите „Leopard 2“ не е примарно, па дури и без тоа одобрение, Полска би можела да ѝ ги достави на Украина како дел од коалицијата на земји, изјави полскиот премиер Матеуш Моравјецки.

САД и нивните сојузници не успеаја минатиот петок да го убедат Берлин да дозволи тенковите „Leopard 2“ да бидат испратени до линијата на фронтот, а тешките тенкови Украина ги гледа како клучни за успехот во борбата против рускиот агресор. Полска е првиот поборник за испорака на леопарди и ги повикува земјите што ги имаат овие германски тенкови да ги испратат во Украина дури и без одобрение од Берлин.

„Ќе ја побараме таа дозвола, но тоа е помалку важно. Дури и ако не добиеме дозвола (…) ние сепак ќе ги испорачаме нашите тенкови во Украина заедно со другите земји. Сега треба да формираме мала коалиција на земји“, изјави премиерот Моравјецки за новинарите.

„Германија нема да застане на патот на Полска да ги испрати своите тенкови Leopard 2 во Украина“, изјави во неделата вечерта германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок за француската телевизија LCI.

Токму на таа нејзина изјава алудираше Моравјецки, но не е јасно дали изјавата на Бербок, која е од партијата на Зелените го изразува ставот на целата влада на социјалдемократскиот канцелар Олаф Шолц.

„Притисокот има смисла затоа што во текот на викендот германскиот министер за надворешни работи даде нешто поинаква порака што дава одредена надеж дека Германија не само што нема да го блокира (испраќањето на тенкови), туку на крајот ќе испорача тешка опрема, модерна опрема за да ѝ помогне на Украина“, изјави Моравјецки.

Германската влада е под зголемен притисок да испрати тешки тенкови во Украина кои би можеле да влијаат на рамнотежата на силите на фронтот.

На состанокот во петокот во американската воена база во Рамштајн, во западна Германија, западните сојузници на Украина ја одложија одлуката за ова прашање, што го налути Киев, кој ја критикуваше нивната „неодлучност“. Од почетокот на војната, германската влада постојано изразуваше претпазливост за испраќање сè понапредни системи за оружје во Киев, но на крајот тие ги испорачаа.

Владини извори во Германија минатата седмица изјавија дека ќе дадат зелено светло за тенковите Леопард доколку САД се согласат да испратат тенкови „Abrams“ во Украина.

Но САД јасно ставија до знаење дека нема да ги испратат тие тенкови во блиска иднина и тврдат дека тоа би било логистички кошмар за украинските сили поради горивото и одржувањето потребни за тие тенкови.

Германскиот тенк Леопард се смета за идеален бидејќи е во сопственост на многу земји, како Полска и Финска, што значи дека тие би можеле да го поделат товарот за опремување на Украина. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг изјави дека Германија е еден од сојузниците кои даваат најголема поддршка на Украина.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.