Полскa го отфрли барањето на Украина за повеќе борбени авиони

Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски ги отфрли поплаките на Украина за неисполнетото ветување за испорака на борбени авиони за одбрана на земјата од руската инвазија.

„Ние имаме свои потреби за одбраната“, рече либерално-конзервативниот политичар за каналот Polsat News во саботата.

Украина мора да разбере, продолжи Сикорски, дека Полска, како „земја на првата линија“, исто така, мора да го одврати рускиот претседател Владимир Путин.

Неговата изјава доаѓа откако украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Полска дека повторно измислила причина да не испраќа дополнителни борбени авиони „МиГ-29“ во неговата земја.

Според Сикорски, полската влада поднела предлог за одбранбен заем за Украина, што ќе му овозможи на Киев да купи воена опрема од полски производители на оружје на кредит и да ги врати парите за време на обновата на земјата. Според пишувањата на медиумите, таквиот предлог нема позитивно да одекне во Киев.

Зеленски, исто така, неодамна ја критикуваше Полска за одбивањето да соборува руски ракети над Украина. Варшава се брани дека за таков потег е потребно заедничко одобрение од НАТО. Полска, членка на ЕУ и НАТО, дели граница со Украина и Белорусија, која е и надворешна граница на Европската унија.

Земјата е меѓу најпосветените политички и воени поддржувачи на Украина од почетокот на руската инвазија на 24 февруари 2022 година и прими стотици илјади украински бегалци.