Полска и Германија се најголемите корисници на климатскиот фонд на ЕУ

21

Полска и Германија ќе бидат најголемите корисници на новиот фонд на Европската унија од 100 милијарди евра, наменет за помош на регионите кои се зависни од јаглен да преминат во зелена економија, покажуваат податоците објавени во документ на Европската комисија. Сите земји на ЕУ, освен Полска, минатиот месец се согласија дека треба да ги трансформираат своите економии во текот на следните 30 години за борба против климатските промени и да се осугураат дека нема да испуштаат повеќе јаглерод диоксид отколку што апсорбираат. Европјаните сметаат дека климатските промени се најголемиот предизвик со кој се соочуваат, открива студијата на Европската инвестициска банка (ЕИБ). Полска не го потпиша документот чија цел е да се постават неутрални емисии на штетни гасови до 2050 година, тврдејќи дека нејзиниот енергетски систем и економијата се премногу зависни од јаглен и лигнит за да направат таква транзиција во тој период.

Европската комисија, во обид да ја убеди Варшава да се приклучи на останатите членки, оваа недела објави детали од Фондот за правична транзиција. Целта е да се генерираат 100 милијарди евра за инвестиции во регионите со најголема емисија на јаглерод диоксид и со најмногу вработени во секторите поврзани со фосилни горива. Полска и Германија, кои се најголеми индустриски емитери во ЕУ и имаат најголем број такви работни места, ќе добијат речиси 40 проценти од вкупните средства на Фондот, се наведува во документот на ЕК. Полска изрази задоволство, наведувајќи дека предлогот на ЕУ за финансиската распределба покажува дека Унијата ја препознала нивната специфична состојба. – Ова разбирање на нашата позиција е многу добра вест за Полска, изјави полскиот премиер Матеуш Моравјецки.

Полското Министерство за клима соопшти дека фактот што земјата не го потпиша документот за климатската неутралност до 2050 година не значи дека Варшава ќе се откаже од трансформација на својата економија кон ниски емисии, туку дека тоа ќе го постигне со свое темпо. Средствата на транзицискиот фонд од 100 милијарди евра во текот на седум години ќе се обезбедат со повлекување мал износ на јавни пари од буџетот на ЕУ од 7,5 милијарди евра, со цел привлекување на многу поголеми суми на приватни инвестиции со покривање на најризичните делови од проектите. Од 7,5 милијарди евра, Полска ќе добие максимална квота од две милијарди евра, а потоа следува Германија со 877 милиони евра.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.