Полска и Унгарија отворени за нови предлози за буџетот на ЕУ

Полска и Унгарија се отворени за нови предлози со коишто би се надминал спорот со Брисел околу механизмот за пристап до заединичките средства кој се условува со владеењето на правото во земјите членки на Европската унија, а за што двете земји имаат судир со европските бирократи, соопшти во понеделникот доцна ноќта портпаролот на полската влада.

Варшава и Будимпешта го блокираат заокружувањето на процесот на фунцкионирањето на повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ во износ од над 1.800 милијарди евра од кои околу 750 милијарди се намнети за економското закрепнување на земјите членки по кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот.

Полска и Будимпешта се истрајни во своите ставови дека владеењето на правото за кое во Брисел се дискутира главно во однос на централноевропските и источните членки, не може да биде услов за пристапот до овие средства. А, пак, Европската комисија има постапки против нив поради наводното загрозување на независноста на судството, на медиумите и невладините организации од страна на конзервативните десни влади во двете земји.

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки и неговиот унгарски колега по должност Виктор Орбан се сретнаа во понеделникот во Варшава, по минатонеделната средба на истата тема во Будимпешта.

„Отворени сме за нови предлози и убедени сме дека можеме да постигнеме договор, но истакнуваме дека предлозите мора да бидат во согласност со европските договори и заклучоците од самитот на Европскиот совет во јули“, соопшти за новинарите портпаролот на полската влада Пјотр Милер по средбата на премиерите.

Додаде дека двете земји настојуваат да ги убедат другите партнери во ЕУ дека „таквите произволни критериуми за процена на владеењето на правото во другите земји би можело да се покаже опасно“ за идната европска интерграција.

„И, де-факто, би можело да доведе до идна дезинтеграција на Европската унија, што никој не го посакува“, предупреди Милер.