Полска може да ѝ испорача авиони „МиГ“ за четири од шест седмици

Полска би можела да испорача борбени авиони „МиГ-29“ во Украина за четири до шест седмици, изјави во вторникот полскиот премиер Матеуш Моравјецки, што не значи дека западните сојузници на Киев се поблиску до договор за испорака на борбени авиони од западно производство, зашто станува збор за летала кои и претходно ѝ беа предавани на украинската авијација за кои украинскиот пилоти се обучувани наспроти напредните авиони според стандардите на НАТО, како што бара претседателот Володомир Зеленски.

Полска и претходно соопшти дека е подготвена да ги испрати авионите „МиГ“ од советско производство, како што се правеше тоа и досега, но некои сојузнички се претпазливи и не беше јасно колку време ќе биде потребно тие да стасаат до Украина. Сега, според премиерот Моравјецки, тоа е можно за месец до месец и половина.

На прашањето, пак, колку авиони „МиГ-29“ Варшава ќе му испорача на Киев, шефот на кабинетот на полскиот претседател Павел Шрот одговори „сигурно не 14“, алудирајќи на 14-те тенкови „Leopard 2“ од германско производство кои веќе се предадени во Украина. Меѓутоа, не ја прецизираше бројката, ниту податокот со колку авиони од овој модел располага Полска.

Западните земји досега одбиваат да ѝ испорачаат борбени авиони од западно производство на Украина, но испраќаа модернизирани борбени советски и руски летала за кои се обучени украинските пилоти.

Минатиот четврток и словачкиот министер за одбрана Јарослав Над, по состанокот со колегите од Европската унија потврди дека Полска е подготвена да ги испрати споменатите борбени авиони во Украина. Додаде дека полската страна тогаш навела дека ќе биде подготвена да испрати воени авиони во коалиција на земји.

„Мислам дека е време да се донесе одлука. Луѓе гинат во Украина, навистина можеме да им помогнеме, нема простор за словачката политика“, објави Над на Facebook.

Источните членки на НАТО, кои некогаш беа во составот на комунистичкиот Варшавски договор, се заговорници на испраќање на модернизираното вооружување од советскиот и постсоветскиот период и веќе ги испорачуваа своите борбени летала од моделите „МиГ“ и „Сухој“ во Украина, коишто ќе ги заменуваат со американските авиони од моделот „F-16“.