Полска планира пакет за поттикнување од 53 милијарди долари

Полска планира да усвои пакет мерки во износ до 212 милијарди злоти, односно 52 милијарди американски долари, за да ги неутрализира штетните последици од пандемијата на коронавирусот врз својата економија, изјави во средата премиерот Матеуш Моравјецки

Пакетот ќе вклучува поттикнувања за платите, гаранции за заемите и кредитите, како и мерки за одржување на ликвидноста на компаниите. Владата во Варшава, исто така, планира и да ги зголеми потрошувачките за здравствената заштита, како и поголеми вложувања во секторот.

Полска ќе ги субвенционира платите на вработените во погодените компании со износ кој одговара на 40 отсто од просечната плата во земјата. За самовработените ќе се воведе надомест во висина од 80 отсто од минималната плата, и надомест за родителите кои мора да се грижат за своите деца поради затворените воспитно-образовни институции.

Решението за компаниите ќе вклучува кредитни гаранции, микрокредити, лизинг и мерки за поддршка на ликдвидноста , коишто, меѓу другите, ќе ги обезбеди државната банка BGK и Полскиот развоен фонд (PFR).

Во план е и нов инвестициски фонд во износ од 30 милијарди злоти, коишто независно од ЕУ фондовите, ќе се вложуваат во локалните патишта, дигиталзиацијата, модреднизацијата на училиштата, енергетската трансформација на земјата и заштитата на природната средина.

Целта е „класичен инвестициски импулс“, имајќи го предвид очекуваниот пад на приватните инвестиции, појасни премиерот Моравјецки.

За поддршка на болнциите и купување на медицинската опрема ќе бидат потрошени 7,5 милијарди злоти.

Изминатите денови водечките банки во Полска на граѓаните и компаниите им овозможија одложување на отплатата на ратите од кредитите, централната банка на земјата ги намали каматните стапки на рекордно ниско ниво и вети дека ќе ја одржува ликвидноста на финансискиот сектор.

Фондот за социјално осигурување, пак, најви дека на компаниите ќе им овозможи одложување на плаќањето на придонесите за вработените за три месеца.

Во Полска досега се регистрирани 246 случаи на зараза со коронавирусот, а три лица им подлегнале на болеста.