Полска подготвена да ѝ испорача на Украина 60 тенкови

Полска, покрај тенковите од германско производство „Leopard 2“, подготвена е на Украина да ѝ испорача уште 60 тенкови од други модели, изјави полскиот премиер Матеуш Моравјецки.

„Во моментов подготвени сме да испратиме 60 наши модернизирани тенкови, од кои 30 се PT-91. Покрај нив, и 14 тенкови Leopard 2“, рече Моравјецки во интервјуто за канадскиот телевизиски канал CTV News.

Полскиот премиер притоа не прецизираше за какво други борбени тенкови станува збор. Моравјецки, исто така, рече дека Полска од пред една година или порано на Украина веќе ѝ испорачала 250 тенкови.

Подоцна во петокот, исто така, и Андриј Ермак, шефот на кабинетот на украинскиот претседател Володомир Зеленски, изјави дека Украина ќе добие 60 тенкови од моделот „PT-91 Twardy“, како дополнување на најавените „Leopard 2“.

Непосредно пред изјавата на Ермак, полскиот заменик за одбрана Војчех Скуркиевич изјави дека Варшава е подготвена на Киев да му ги предаде 14-те „Leopard“-и, една тенковска чета, во рок од неколку седмици.

Но во извештаите не е наведено, дали украинските војници се веќе обучени за управување во овие борбени оклопни машини од западно производство или, пак, обуката ќе биде спроведена во следниот период.

По долгите колебања и притисоци, во средата германската влада се согласи со барањето на Киев да добие напредни западни борбени тенкови, кои ги бараше во стотици или илјада. Берлин, исто така, одобри и земјите кои ги поседуваат германските тенкови од модификацијата „Leopard 2 A6V“, да ѝ ги испорачаат на Украина. Планирано е формирање два тенковски баталјони, а во првата фаза Берлин ќе испрати една чета – 14 тенкови директно од арсеналот на Бундесверот. Како што истакна германскиот министер за одбрана Борус Писториус, тенковите би можело да пристигнат во Украина на крајот од март.

Испорака на борбени тенкови за вооружените сили на Украина истиот ден објави и американскиот претседател Џо Бајден. Спроед него, украинската војска ќе добие 31 тежок американски тенк „M1 Abrams“, кои ќе формираат еден тенковски баталјон.

Тенковите „М1 Abrams“ би биле испраќани преки фондот познат како Иницијатива за безбедносна помош на Украина (USAI), кој на администрацијата на претседателот Џо Бајден ѝ овозможува да набави оружје наместо да ги користи моменталните залихи на американската војска.

Притоа високи американски функционери прецизираа дека можно е администрацијата на Бајден ќе го искористи фондот USAI да купи тенковите од сојузниците коишто ги имаат, и да го испрати во Украина. Таквата постапка би можела да потрае меѓу неколку месеци и неколку години, потребни и за обука на украинските војници.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.