Полска потврди дека извезла 2.700 килограми од сомнителното месо во ЕУ

Полска извезла 2.700 килограми од сомнителното говедско месо во земји од Европската унија, изјави во четвртокот водечкиот полски ветеринар, откако телевизиска репортажа извести за компанија која убива болни крави и го продава нивното месо за исхрана на луѓето.

Павел Нјемцук на прес-конференција рекол дека сомнителното месо е извезено во Романија, Шведска, Унгарија, Естонија, Финска, Франција, Шпанија, Литванија, Португалија и во Словачка. Додал дека од двете осомничени компании фабриките за преработка на храна добиле околи 9.500 килограми од таквото говедско месо.

Полска произведува околу 560.000 тони говедско месо годишно, од што извезува меѓу 80 и 85 отсто.

Новинар на комерцијалната телевиија TVN24 минал три седмици во кланица во Калиново, стотина километри североисточно од полската престолнина Варшава. Снимил и потоа објавил вознемирувачки снимки од говеда, очигледно болни, кои со јаже околу вратот ги влечат во кланицата, потоа говедски трупови на куп и парчиња месо видно несоодветно за пласман на пазарите.

Полското државно обвинителство во Остролка, северно од Варшава, соопшти во средата дека започнало истрага за колењето и дистрибуцојата на болните говеда во локалната кланица, по новинскиот извештај.

Известен за овој случај, европскиот комесар за здравје и прехранбена сигурност, Вјетенис Андиукаитис, најави во средата инспекција во кланицата и ги повика полските власти да обезбедат почитување на европските прописи во оваа сфеа, бидејќи Полска е голем извозник на месо во Европската унија.