Полска сака да ги откупи вакцините на „Johnson&Johnson“ од Данска

Полска сака да ги купи вакцините против коронавирусот на американскиот производител „ Johnson&Johnson“ од Данска, соопшти портпаролот на владата во Варшава во средата, откако Копенхаген ја исклучи оваа вакцина од својата програма за вакцинирање на населението поради можна поврзаност со создавање крвни згрутчувања.

Централноевропските земји, меѓу кои е и Полска, сакаат да го забразаат вакцинирањето, откако Европската унија потфрли во распределбата и доцнењето на испораките на вакцините против Covid-19, па имајќи го предвид сѐ уште високата стапка на дневни коронаинфекции се помалку претпазливи од западноевропските земји во користењето на вакцините.

Данска во понеделникот стана првата земја којашто ја исклучи од својата програма за масовна имунизација вакцината на „Јohnson&Johnson“. Во април владата во Копенхаген, исто така, го запре и вакцинирањето со вакцината на англо-шведскиот производител „AstraZeneca“ поради појавите на крвни згрутчувања по вакцинирањето.

Полските власти велат дека ползата од вакцините е поголема од сите можни ризици. Полска досега со двете дози вакцинирале 3,2 милиона жители од вкупно 38-милионското население. Вакцината на „Johnson&Johnson“, инаку, се дава во една доза.

„Полска ја израси волјата (да ги купи вакцините на ‘Johnson&Johnson’). Премиерот испрати писмо до данската премиерка по прашањето на овие вакцини дозволени за употреба на европскиот пазар“, изјавил во телефонски разговор за Reuters портпаролот на полската влада Пјотр Мулер потврдувајќи го пишувањето на изданието Polsat News.

Портпаролот додал дека Полска е подготвена да ја купи секоја вакцина чијашто употреба е одобрена во Европската унија, вклучително и на „AstraZeneca“.

Полските медиуми претходно во средата објавија дека полскиот премиер Матеуш Моравјецки ѝ порачал во писмото на данската колешка по должност Мете Фредериксен дека „Доколку Данска се одлучи да ги продаде своите резерви (од вакцината на ‘Johnson&Johnson’), Полска е подготвена да ги купи“.

Европската агенција за лекови (ЕМА) на 20-ти април објави дека утврдила можна поврзаност меѓу вакцината на „Johnson&Johnson“ и ретките појави на создавање крвни згрутчувања кај возрасни лица во САД кои ја примиле оваа вакцина. Но ЕМА притоа истакна дека севкупната полза од вакцината е поголема од ризиците.