Полска се заканува со блокада на докапитализацијата на ЕИБ по брегзитот

Полска се заканила со блокирање на планираната докапитализација на Европската инвестициска банка (ЕИБ) по излегувањето на Велика Британија од Европската унија, доколку не добие поголема улога во овој кредитор, извести во четвртокот деловниот дневен весник The Financial Times.

Полска сака поголемо влијание во важните институции на Европската унија, што е причина и за нејзиното посакување да има поголем удел во ЕИБ, чиишто сопственици во моментов се 28-те земји членки на ЕУ, пишува весникот повикувајќи се на неименувани добро упатени функционери.

Инцијативата на Варшава временски се совпаднала со подготовките за излегување од ЕУ на Велика Британија, којашто е најголемиот акционер во ЕИБ. Полска порачала дека ќе ги блокира договорот за замена на уплатениот капитал, доколку не може да го зголеми својот удел, пишува натаму лондонскиот весник.

Полски функционери истовремено тврделе дека нивниот план е во интерес на кредиторот, имајќи предвид дека британскиот капитал би бил заменет со свеж капитал наместо со резервите на банката.

Во ЕИБ и полското министерство на финансии веднаш не одговорија на прашањето на Reuters за коментар на информациите за полското барање.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.