Полска смета дека Кина треба да изврши притисок врз Русија да ја запре војната во Украина

Полска ја повика Кина да изврши притисок врз Русија да ја запре војната во Украина, соопшти денеска полското Министерство за надворешни работи по состанокот на двајца високи претставници во Варшава.

Специјалниот претставник на Кина за евроазиски прашања, Ли Хуи, оваа недела е на турнеја низ Европа, во рамки на која во вторникот и средата престојуваше во Киев, каде што разговараше за начините за ставање крај на конфликтот меѓу Украина и Русија преку политичко решение.

По разговорите меѓу Ли и полскиот заменик-министер за надворешни работи Војчех Гервел, полското Министерство за надворешни работи соопшти дека полскиот претставник го повикал Пекинг да го искористи своето влијание врз Русија за да ја убеди да стави крај на војната во Украина.

„Заменик министерот Гервел ја разбира одговорноста што Кина ја има како постојана членка на Советот за безбедност на ОН и се надева дека Кина ќе ја осуди руската агресија и ќе изврши притисок врз неа повторно да почне да ги почитува принципите на меѓународното право“, се вели во соопштението.

Полска е загрижена поради интересот на Кина за зајакнување на билатералните врски со Русија, се додава во соопштението.

Полска се надева дека Кина никогаш нема да ја признае руската анексија на украинските територии, и ако Пекинг ѝ обезбеди воена помош на Москва, тоа ќе има „тешки последици“ за нејзините односи со Европа, му соопштил Гервел на Ли. Киев ја отфрла идејата да направи каква било територијална отстапки за Русија и соопшти дека го сака секој сантиметар од својата земја да биде вратен.

Во февруари, Пекинг претстави предлог од 12 точки за политичко решавање на украинската криза. Според тој предлог, двете страни треба да се согласат на постепена деескалација и обврска да не се користи нуклеарно оружје.

Кина претходно соопшти дека нејзиниот специјален пратеник за евроазиски прашања заминува на европска турнеја заради изнаоѓање политичко решение за руската војна во Украина. Освен посета на Украина и Полска, европската турнеја ги вклучува и Франција, Германија и Русија.