Полска светски првак во одбојка

Одбојкарската репрезентација на Полска по вторпат стана светски првак откако синоќа во финалето на 18.Светско првенство го освои златниот медал. Во завршниот натпревар на Мундијалот Полска го победи трикратниот шампион Бразил со 3:1 во сетови.

„Кариоките“ подобро го почнаа натпреварот и воведниот сет го добија со 25-18. Но, тоа не беше пречка за полските одбојкари, кои бодрени од 12.000 гледачи во „Сподек салата“ ги добија следните три сета: 25-22, 25-23, 25-22.

За Полска ова е втор златен медал по 1974 година, а стана четврта репрезентација што успеала да победи на домашен терен.

Бразил го играше своето петто финале и не успеа да ја продолжи низата од победи на шампионатите во 2002, 2006 и 2010 година.

За најдобар играч на шампионатот е прогласен Мариуш Влазли од Полска.

Следното Светско првенство ќе се одржи 2018 година во Русија.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.