Полска триумфира против Саудиска Арабија, Левандовски постигна гол на светските првенства

Саудиска Арабија направи сензација во првото коло од Мундијалот во Катар, откако славеше против Аргентина со пресврт (2-1), но сепак денеска налета на Полска која ги совлада со 2-0.

Избраниците на Херв Ренар и денеска делуваа одлично на теренот, но Саудијците немаа решение за расположениот Шчесни, кој ги запре сите удари кон неговиот гол, а успеа и да одбрани пенал во првата минута од судиското надополнување на првото полувреме.

Головите за триумф на Полска ги постигнаа Пјотр Зиелински во 39. минута, како и Роберт Левандовски во 82. минута од натпреварот, а Саудијците може да жалат затоа што не реализираа ниту една од нивните шанси.

Полска по два одиграни меча е прва во групата Ц со четири бода, по што следи С. Арабија со три, еден бод има Мексико, а без бодови е Аргентина.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.