Полски пратеник во ЕП: Путин не направил ништо лошо со присоединувањето на Крим

Рускиот претседател Владимир Путин не направил ништо лошо со присоединувањето на Крим кон Русија, рекол вчера полскиот пратеник во Европскиот парламент (ЕП) Јануш Корвин-Мике, лидер на полската политичка партија „Конгрес на новото право“, пренесоа медиумите.

Во текот на дискусијата на локална телевизиска станица тој од останатите соговорници побарал „да не зборуваат лошо за Путин, бидејќи не направил ништо лошо за да заслужи таков третман.“

„Доколку, на пример, 95 отсто од жителите на Лев би биле полски државјани, кои на референдум се изјасниле за присоединување со Полска, ниеден полски лидер не би можел да ги одбие“ истакнал тој.

Неговата партија на изборите за Европскиот парламент прв пат го помина цензусот од 5 отсто.  Претставниците на оваа партија добиле 7,15 отсто поддршка од гласачите во Полска. Корвин-Мике соопштил дека неговата главна цел е „уништување на европските институции одвнатре“.