Полскиот писател Миколај Гринберг ќе гостува на промоцијата на неговата книга „Еврејска работа“

Во кафе-книжарницата „Буква“ утревечер од 20 часот ќе биде промовирана збирката раскази „Еврејска работа“ со гостување на авторот – Миколај Гринберг од Полска.

„Еврејска работа“ е дебитантско дело на Гринберг, во кое тој ги преработува приказните на полските Евреи во кратки, трогателни раскази, нудејќи панорама на еврејското искуство во современа Полска.

-Иако приказните се фикционализирани, секоја од нив содржи прстен на вистината. Книгата ги разоткрива длабоките корени на системскиот антисемитизам, притоа нагласувајќи колку секојдневието станало отпорно на истиот, што не е едноставно за анализа. Книгата доби одлични критики и влезе во потесниот избор за престижната книжевна награда „Нике“ во Полска. Имаше прекрасен прием во матичната земја и за неа нобеловката Олга Токарчук потенцираше: „Овие мали проникливи прози истовремено се трогателни и вознемирувачки. Доколку дијагнозата е точна, имаме голем проблем во Полска, соопшти издавачка куќа ИЛИ-ИЛИ која утре ќе ја организира промоцијата.

Промотор ќе биде писателката Лидија Димковска. Преводот од полски на македонски јазик е на Лидија Танушевска, а излегувањето на книгата е поддржано од програмата „Креативна Европа“ на ЕУ.

Миколај Гринберг (1966) е фотограф, писател и обучен психолог. Неговата книжевна работа се фокусира врз усните истории на различни генерации полски Евреи во втората половина од 20 век.

-Објавил три збирки со „разговори“ базирани врз овие лични (и)стории: „Преживеаните од 20 век“ (2012), „Го обвинувам Аушвиц: Семејни приказни“ (2014) и „Книгата на егзодусот“ (2018), соопшти ИЛИ-ИЛИ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.