Полскиот премиер ја критикува реформата за миграцијата во ЕУ, со видео од француските немири

„Не сакаме такви сцени на полските улици“, се вели во клипот поставен од Матеуш Моравјецки.

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки ја критикуваше предложената реформа за миграцијата во ЕУ, која моментално е блокирана од Унгарија и Полска, со споделување видео кое ги спојува сцените од насилните протести во Франција против мирните градови во неговата земја. Самиот премиер го претстави својот план со кој сака да ја спречи масовната миграција.

Во петокот, Моравјецки постави клип на својата страница на Твитер за поддршка на планот поддржан од Полска наречен „Европа со безбедни граници“. Видеото прикажува француски улици и автомобили зафатени од пламен, а бунтовниците ги кршат излозите на продавниците. Како констраст се поставени слики со мирни и уредни полски градови раздвижени со живот.

„Не сакаме такви сцени на полските улици“, се вели во описот на видеото.

Насилството во Франција избувна поради смртта на 17-годишник од рацете на полицаец во вторникот. Според локалните власти, речиси 1.000 луѓе се уапсени низ целата земја, а 45.000 полицајци се ангажирани да се справат со немирот.

Твитот на Моравјецки се совпаѓа со неговата остра критика за предлогот за реформа на миграцијата што ќе им даде на членките на ЕУ три опции: да прифатат преместени баратели на азил, да платат 20.000 евра за секој одбиен апликант или да финансираат оперативна поддршка.

Со прифаќање на оваа миграциска реформа „Европа ги охрабрува шверцерите да испраќаат повеќе транспорти“, обвини полскиот премиер.

„Ако поканиме 30.000, ќе дојдат 300.000. Ако поканиме милион, ќе дојдат 30 милиони. Тоа е бескрајна спирала“, рече тој, додавајќи дека отворањето на границите на Европа не само што ќе ги зајакне криминалците, туку и ќе резултира со „зголемен ризик од тероризам во Европа“.

Сепак, промовирајќи ја Полска како „пример за успешна миграциска политика“, Моравјецки предложи сопствен план кој предвидува зголемување на инвестициите во заштитата на надворешните граници на ЕУ и поткрепување на Фронтекс, граничната агенција на блокот.

Тој, исто така, предложи поддршка на развојот во земјите кои се извор на масовна миграција, намалување на социјалните бенефиции за луѓето надвор од ЕУ и сузбивање на шверцерите и црниот пазар.

ЕУ тешко се справува со приливот на мигранти најмалку неколку години. Според податоците на Фронтекс, властите на блокот регистрирале 330.000 илегални гранични премини на надворешната граница на ЕУ во 2022 година, што агенцијата го опиша како најголем број од 2016 година и зголемување од 64 отсто во однос на претходната година.