Полуфиналето на италијанскиот куп го следеле над осум милиони луѓе

EPA-EFE/ALESSANDRO DI MARCO

Синоќешниот натпревар од полуфиналето на италијанскиот куп меѓу Јунветус и Милан, прв по март кога и фудбалското првенство беше прекинато поради епидемијата на коронавирусот, го следеле повеќе од осум милиони гледачи, пренесуваат италијанските медиуми.

Мечот во регуларниот дел заврши без голови, но бидејќи првиот дуел одигран во февруари во Милано заврши со резултатот 1:1, Јувентус се пласираше во финалето поради погодокот постигнат на гостински терен.

Јувентус, кој во Италијанскиот куп има 13 трофеи а уште пет пати бил поразен во финалето, ќе игра во годинешното финале на 17-ти јуни во Рим со подобриот од денешниот дуел меѓу Наполи и Интер. Наполи првиот меч го доби со 1:0.

Првиот натпревар по враќањето на фудбалот пред телевизиските екрани провлекло околи 8,3 милиони гледачи на италијанската телевизија RAI 1, и тоа е најгледаниот меч оваа сезона во Италија.

До петокот вечерта најгледаниот натпревар на RAI беше квалификацискиот дуел на италијанската репрезентација за Европското првенство против Босна и Херцеговина, кој во ноември 2019 година го гледале 7,4 милиони гледачи.