Помал астероид ноќва ќе прелета многу близу Земјата

Астероид со големина на комбе во следните часови би требало да прелета на мала близина до Земјата и тоа ќе биде една од најблиските средби со небеско тело некогаш забележана, објави американската агенција за вселенски истражување NASA.

Небеското тело со ознака 2023 BU во петокот во 1,27 часот по македонско време ќе дојде до својата најблиска точка до Земјата. Тогаш ќе протатни покрај јужниот дел од Јужна Америка, на височина од само 3.600 километри. Научниците на NASA уверуваат дека не постои опасност од удар.

За споредба, геостационарните сателити се наоѓаат на околу 35.000 километри над површината на Земјата, а Меѓународната вселенска станица орбитира на 400 километри.

Дури и доколку 2023 BU тргне кон Земјата, неговиот поголем дел би согорел при влегувањето во атмосферата, имајќи го предвид фактот дека неговиот мал дијаметар изнесува од 3,5 до 8,5 метри, соопштува NASA.

Астероидот пред неколку дена го открил рускиот астроном аматер Генадиј Борисов од ѕвездарницата Марго на црноморскиот полуостров Крим.

Борисов веќе светски се прослави во 2019 година со помош на телескоп што самиот го изработил откри комета којашто мина низ Сончевиот систем на патот кон длабоката Вселена. Кометата од тогаш е именувана како 2I/Borisov.

Научниците во близина на Земјата идентификуваа околу 27.000 астероиди, вклучително и околу 10.000 од нив со дијаметар поголем од 140 метри. Не е познато дали некој од нив се движи директно кон Земјата во до догледна иднина.

Во октомври минатата 2022 година NASA со удар со сонда првпат успеа да ја промени насоката на движење на астероид, што беше прв позната обид на човештвото да се постави одбрана на планетата.

https://videos.space.com/m/eH9DkmxQ/asteroid-2023-bu-to-buzz-earth-on-january-26-orbit-animation?list=9wzCTV4g