Помилување само за казна, а не и за кривично гонење, предвидуваат новите законски измени

Во Министерството за правда во завршна фаза е текстот на новиот закон за помилување, за кој, како што се најавува, во најскоро време ќе биде подготвена драфт – верзија. Најзначајната измена што се предвидува е дека Претседателот ќе може да даде помилување само за казна, а не и за кривично гонење на поименично определени лица.

Од Министерството за правда за МИА велат дека причините за донесување на нов закон за помилување произлегуваат, пред се, од недостатоците и правните празнини во постојниот Закон за помилување, од аспект на неговата практична примена, како и од потребата за попрецизно нормирање на одредени прашања. Освен тоа, велат од Министерството, заради неопходноста од итност на постапката со законот се предвидуваат рокови за постапување на учесниците во постапката за помилување, а извршено е и терминолошко усогласување на одделни називи и поими.

-Со Pредлог законот се уредуваат поимот и видовите помилување, дејството на помилувањето, лицата овластени за поднесување молба за помилување, како и постапката и актите на надлежните органи во врска со помилувањето. Една од најзначајните измени е дека Претседателот може да даде помилување само за казна, а не и за кривично гонење на поименично определени лица. Втората позначајна новина  е формирањето Комисија во рамките на Министерството за правда која подготвува писмено образложено,мислење за молбата кое МP заедно со извештајот за молбата ги доставува до Претседателот. Со ова решение се очекува да се надминат досегашните можни ризици поврзани со дискрециските права на министерот за правда, посочуваат од министерството.

Мошне значајни се, како што посочуваат, и решенијата со кои е детално разработена постапката за помилување.

-Во таа насока, предвидени се кратки рокови за секоја од институциите кои се вклучени во постапката. Kлучни се и одредбите за прекршочна одговорност на лицата кои постапуваат по предметите, информираат од министерството.

Помилувањето како институт е еден од основните уставни надлежности на Претседателот содржано е и во членот 114 од Кривичниот законик со кој се уредуваат материјално-правните прашања на помилувањето. Правната рамка која детално ја уредува оваа материја е прв пат воспоставена во 1993 година и досега е изменета и дополнета двапати и тоа во 2009 и 2016 година.