Помилуван поранешниот градоначалник на Техеран, осуден на смртна казна

21

Поранешниот градоначалник на Техеран Али Наџафи, кој е осуден на смртна казна поради убиство на својата сопруга, сепак нема да биде егзекутиран. Наџафи (67) на 30 јули беше осуден на смртна казна, бидејќи кон крајот на мај со огнено оружје ја уби својата втора сопруга, 30 години помладата Митра Остад.

Согласно иранскиот закон „кесас“(закон на одмазда), семејството на жртвата може да побара смртна казна, како што стори семејството на убиената Митра. Но братот на покојната денеска соопшти дека неговото семејство одлучило да го повлече барањето со цел Наџафи да биде помилуван.

Поранешниот градоначалник на Техеран сепак останува во затвор, бидејќи е осуден на двегодишна казна поради поседување огнено оружје. Засега не е познато дали смртната казна ќе биде преиначена во доживотен затвор.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.