Помирување, не благодарам

1429

Ако некој има дилема зашто ова ни се случува со државата нека погледне кој стои зад и кој е најгласен во подршката на процесот на обезличување на македонската држава. Тоа се наследниците на старата добра комунистичка номенклатура, кои вешто манипулирајќи со нашето сеќавање и вистина за минатото, сиве години на транзиција успешно ја одржаа терапевтската носталгија по „нивното“ минато. Она минато кое им тежеше и од кое се срамеа. Поточно, се срамеа од своето потекло, но не и од својата улога во него. Бегајќи од него ни ја предадоа државата.

За нив никогаш комунистичкиот период не беше перцепиран како историско искривување, интерлузија, аберација од претпоставениот природен пат на националната историја. Само на тој начин некогашната политичка и културна „црвена елита“ можеше да се вклопи без проблеми во новиот демократски амбиент во државата. И, да го загади. Сега гледаме, иако тоа го знаеме оддамна, колку малку овие луѓе имале почит за своето минато и достоинството на својот народ. Затоа нивното достоинство е растеглива категорија, нивниот национален идентитет флуиден, нивната иднина служење на нови господари. Оние кои сиве години се продаваа за „државотворни“ им ја понудија државата и нејзината историја на тацна на оние што историски го одрекуваа нашето постоење. Им го предадоа брендот Македонија. Без надомест.

Полека, но сигурно се претвораме на држава на субјективно ниво на лични спомени за минатото. Сакаме во Европа, а остануваме единствената држава на пост комунистичкиот блок во Источна и Централна Европа што не сакаше да се соочи со своето тоталитарно минато и да ги осуди луѓето што го креираа и одржуваа во живот. Останавме држава што не ги осуди злосторствата на комунизмот и не определи ден во спомен на жртвите на комунизмот, а музејот што се изгради да ги документира злосторствата на тој режим го хибернира. Толку е силна носталгијата за минатото, вешто потхранувана од чуварите на социјалистичката револуција, што не’ држи заложници на лагата за едно време и еден систем. Затоа смешно и патетично делуваат оние што пишуваат и зборуваат за некаков си фашизам во транзициона Македонија, кога нивните ја премолчаа резолуцијата на Советот на Европа 1481 од 2006 година за осуда на за злосторствата и масовните кршења на човековите права во комунизмот. Тогаш го видовме вистинскиот демократскки капацитет на нашите реформатирани црвени политичари. Колку за работите да станат појасни. За жал секој народ има луѓе од кои треба да се срами. Нашиот посебно.

Откако обезличија еден цел народ, го урнисаа неговто достоинство, ја ретушираа историјата и свеста за минатото, ни нудат заборав. Реформатираните комунисти ни нудат помирување. Зборуваат и повикуваат на помирување како чин на простување. А, всушност помирувањето што го нудат е просто амнестирање за злото на минатото. Не само она социјалистичкото со „човечки лик“, туку и она транзициското поново, за кое може да полемизираме колку било демократско. Освен на хартија. Бараат помирување со луѓе што го креираа таквото минато, а потоа како метастаза се распослаа и го контаминираа новиот демократски амбиент во државата. И сега што треба да направите? Да простите за илјадниците уништени животи, за растурените семејства, за одземениот имот, за прогон на неистомислениците, за монтирани судски случаи, за солзите, болката и стравот. За продадената држава. И нејзиното име. За обезличениот народ и предавството на неговата историја. За живот без иднина. Тоа сакате. Демек, сите сме обединети во злото. Џелатот и жртвата се едно. Е, тоа нема да може. Не смее да има простување со оние што не гетоизираа во нивниот свет. Што сметаа дека идеолошкото гето е нашиот свет. Дека моите не се твоите. За тоа нема и не смее да има помирувањее и простување.

Велат дека најголемите лаги се кажани во тишина. И дека тиранијата може да опстане само низ тишината. Во Република Македонија предолго најгласна е тишината. Затоа ја изгубивме државата. Онаа на македонскиот народ. Мора да се скрши молкот и да бидаме доволно гласни ова црно петно на македонската историја да не биде импрегнирано со тишина и фрлено во заборав. Не сакам да живеам во лаги што ми се нудат, или во страв дека кога ќе загребеме подлабоко, вистинатата која ни се нуди нема да биде повеќе никогаш иста. Зашто и не треба да биде иста.

Очајно посакував Македонија да биде дезифинфицирана од човечкиот отпад од едно минато и сегашно време. Очигледно тоа не се случи и нема да се случи. Затоа поради пролеаните солзи на оние што ги направивте статисти во сопствениот живот, помирување, не благодарам. Можеби во некој друг живот. А, ни тогаш.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.