Помирувањето на стенд бај: Ги замрси ли конците приведувањето на Мијалков?

Иако најавен за денеска состанокот на собраниското координативно тело за помирување не се одржа. Копретседавачот на координативното тело, Фросина Ременски како причина за одложувањето на средбата наведува дека било потребно повеќе време за консултации околу предлог законот за амнестија којшто треба да произлезе од работата на собраниското тело.

Но, по изјавите на дел од осумината пратеници кои гласаа за уставните измени и на чие барање за формираше координативното тело причините за пролонгирање на процесот на помирување не се само технички, туку влијание и имаа последните случувања како приведувањето на видни поранешни функционери на ВМРО ДПМНЕ.

Пратениците вклучени во координативното тело велат дека предлог законот за амнестија се подготвува и кога ќе имаат нацрт којшто би бил прифатлив за сите ќе се состанат и ќе го разгледаат. Но, додаваат дека покрај ова врз процесот секако значително влијание имаат и последните настани како приведувањето на Сашо Мијалков, бегството на Никола Груевски кои допринесоа за пролонгирање на целиот процес.

Пратеникот Крсто Мукоски оцени дека приведувањето на Мијалков не е во насока на процесот на помирување. Сличен став во медиумите изнесе и пратеничката Емилија Александрова, која е копретседавач на координативното тело. Според Александров, последните приведувања  сериозно го нарушуваат и опструираат процесот на помирување.

Првичните најави беа дека предлог законот за амнестија ќе биде целосно подготвен до средината на декември, по што можеше да се очекува дека целиот процес ќе заврши до Нова Година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.