Помошта од 6.000 денари ќе може да се вади и во кеш на банкомат или во банка

Помошта од шест илјади денари, првично наменета за купување на македонски производи, граѓаните ќе може да ги трошат за што ќе посакаат, односно ќе може да си ги подигнат во банка или на банкомат.

Како што објави „Алсат“, граѓаните, освен што ќе може доделените пари да ги добијат во кеш, со нив ќе може да плаќаат сметки или да купуваат производи од кој било производител.

Од Владата не одговориле конкретно на прашањата зошто пропадна мерката „Купувам домашно“, наменета само за македонски производи со цел финансиска инекција на домашните производители.

-Нашата цел е никој да не биде изоставен. Ова се финансиски средства наменети за ранлива категорија граѓани кои треба да им помогнат да ја пребродат кризата – наведуваат од Владата.

Кога беше промовирана помошта од 6.000 денари Владата најави дека со овие пари ќе можат да се купуваат македонски производи без право да ги подигнуваат во кеш.

Не е познато кога бил изменет начинот за трошење на парите, ниту зошто Владата не ги информираше граѓаните дека ќе можат да ги подигнат парите од сметка. Според информации на „Алсат“ помошта деновиве треба да легне на трaнсакциските сметки на самохраните родители, децата без родители, дел од пенизонерите, како и на пасивните баратели на работа.

Според Владините најави, со оваа мерка треба да бидат опфатени близу 300.000 граѓани и за неа од буџетот се издвоени 27,6 милиони евра.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.