Помпео ја повика Европа да избере „слобода“ наместо кинеска „тиранија“

Американскиот државен секретар Мајк Помпео, го одржа во петокот еден од најжестоките говори во кој ја нападна Кина и ги повика европејците да изберат „слобода наместо тиранија“, којашто сака да ја наметне „гангстерската“ држава.

„Кинеската комунистичка партија сака да ве натера да избирате (меѓу САД и Кина). Не можеме да ги поврземе овие две алтернативи а да не се негираме. Демократиите кои зависат од авторитарни режими не заслужуваат да се нарекуваат демократии“, предупреди во својот виртуелен настап шефот на американската дипломатија на самитот за демократијата во Копенхаген.

„Се надевам дека ќе слушнам повеќе отворени изјави од Европа во врска со кинескиот предизвик… за да не настане збрка меѓу тиранијата и слободата“, истакна Мајк Помпео во пререт на состанокот на врвот во понеделник на кој ќе учестуваат челниците на институциите на ЕУ и кинескиот премиер Ли Кечијанг.

САД последните месеци ги обвинуваат сојузниците, во прв ред од Европската унија, дека се попустливи кон Кина од страв да не го загубат пристапот до нејзиниот голем пазар. Овој спор имаше централно место во разговорот кој Помпео го имаше во понеделникот со колегите од Европа, за кој американскиот државен секретар во петокот призна дека бил „остар“.

„Европската унија мора да се позиционира во моментот кога тензиите меѓу САД и Кина се главната тема на светската политика, додека јакнат притисоците да се ‘избере неговата страна’“, истакна високиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, пред таа средба, отфрлајќи „мешање во каква и да е студена војна“ со азискиот џин. По состанокот рече дека предложил „продолжување на билатералниот дијалог за Кина“, но дека сѐ уште не добил одговор од американската страна.

Во петокот Помпео ги набројуваше сите обвинувања на сметка на Кина, а коишто за САД се бројни. Кинеската комунистичка партија е „гангстерски играч“, кој „прогласи крај на слободата во Хонгконг“ кршејќи ги своите меѓународни обврски, рече американскиот државен секретар. Според него, кинескиот претседател Кси Џипинг „даде зелено светло“ за „кршење на човековите правата (на муслиманите Ујгури) какво што не е забележано од Втората светска војна“. Помпео, покрај тоа, ја обвини кинеската армија дека поттикнува „ескалација на напнатоста на границата со Индија“, како и дека го „милитаризира Јужнокинеското Море“.

Помпео, кој одамна смета дека Пекинг е главниот стратешки противник на Вашингтон, потсети дека САД ја сметта Кина за одговорна за „лагите за коронавирусот“ и за „ширењето на вирусот во светот“. Ги осуди „притисоците“ за сите земји да овозможат пристап за кинеската телекомуникациска корпорација „Huawei“ коајшто е „алатка за државна контрола“ којашто, според него, ја воспостаува комунистичката власт.

На европските партнери им порача дека кинеските власти „отворено го загрозуваат нивниот економски суверенитет, купувајќи важни ифраструктури“, како што е атинското пристаниште Пиреа. „Секое вложување на кинеските јавни компании треба да се набљудува со сомнеж“, предупреди шефот на дипломатијата на САД.

На онлајн Копенхашкиот самот за демократијата, Помпео најави дека САД во иднина ќе се однесуваат кон Хонгконг како кон кинески град а не како автономна територија со посебен статус во рамките на „една држава два система“, бидејќи кон него така се однесува и Пекинг. Изборите коишто треба да се одржат во септември во Хонгконг „ќе ни кажат што треба да знаеме за намерите на кинеската комунистичка партија во врска со слободите во Хонгконг“, додаде Помпео.