Помпео ја предизвикува Кина зборувајќи за „вирусот од Вухан“

Американскиот државен секретар Мајк Помпео го нарече новиот сој коронавирус „вирусот од Вухан“, предизвикувајќи ја Кина којашто негодува поради ваквите асоцијации.

Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, во четврокот првпат го спомена „вирусот од Вухан“, нарекувајќи го по кинескиот град во централната провинција Хубеи каде што кон крајот на декември се јави жариштето на епидемијата со коронавирусот Covid-19. Потоа и во петокот овој израз повеќепати го повтори во телевизиските настапи.

„Кинеската комунистичка партија прва кажа дека вирусот таму почнал да се шири“, изјави Помпео за телевизиската мрежа Fox News.

„Тоа не го кажа Мајк Помпео“, рече самиот државен секретар за CNBC News.

Претходно седмицава одговорајќи на прашањето за медиумите и лицата кои зборуваат за „вирусот од Вухан“ или за „кинескиот вирус“, портпаролот на кинеската дипломатија негодуваше поради овој „крајно неодоговрен“ термин.

„На тоа решително се противиме“, рече.

Со таквите термини се сака на Кина да ѝ се „префрли одговорноста“ за епидемијата, а всушност станува збор за „светски предизвик“, оцени портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи.

Официјалниот назив на овој вирус инаку е SARS-CoV-2.