Помпео ги одложи посетите на редица земји поради нападот врз амбасадата на САД во Багдад

Американскиот државен секретар Мајк Помпео ја одложи со голем интерес очекуваната посета на Украина, како и на редица други земји, за да ја следи состојбата во Ирак каде што шиитските демонстранти во вторникот протестираа и продреа во комплексот на амбасадата на САД во Багдад, соопшто во средата портпаролката на Стејт департментот, Морган Ортагус.

Државниот секретар Мајк Помпео „мора да остане во Вашингтон за да ја гарантира безбедноста на Американците на Блискиот исток“, прецизираше портпаролката на американската дипломатија во писмената изјава. Морган Ортагус притоа додава дека е одложена целата турнеја на Помпео, која ги опфаќаше посетите на Украина, Белорусија, Казахстан и Узбекистан, сите поранешни советски републики кои граничат со Русија, како и на Кипар.

Посетата на Помпео на Киев, која беше најавена за в петок, предизвика огромени интерес поради тоа што се случува во периодот кога во тек е процесот за отповикување на републиканскиот претседател Доналд Трамп кој го покренаа демократите, обвинет дека вршел притисок врз Украина за сопствени потреби за кампањата за претседателските избори следната година.

Помпео, кој од почетокот на случајот е на страната на Трамп и ги брани неговите постапки, требаше да разговара со украинскиот претседател Владимир Зеленски.

Трамп на 18-ти декември официјално беше обвинет во Претставничкиот дом на Конгресот, каде мнозинството го имаат демократите, дека ја запрел военат помош за Украина, за да издејствува од Зсленски отворање истрага за улогата на поранешниот потпретседател Џо Бајден, веројатен негов демократски противкандидат во ноември 2020-та, во запирањето на истрагата за корупција во енергетска компанија во Украина во чиешто водство бил неговиот син Даглас Бајден. Бајден таткото се фалел дека издејствувал од поранешниот украински претседател Петро Порошенко да го смени државниот обвинител кој ја истражувал приватната енергетска компанија „Burisma“ од која Даглас Хантер земал 50.000 долари месечно, иако не бил познавач на состојбите во Украина, ниту имал познавања од енергетиката.

Помпео потоа во сабота требаше да допатува во Минск и да се сретне со белорускиот претседател Александр Лукашенко. Во неделата требаше да отпатува во Нур-Султан во Казахстан, потоа на 5-ти и 6-ти јануари во Узбекистан, а ден подоцна во Никозија на средба со кипарските челници во услови на засилени тензии со Турција која започна пробни дупчења за гас во близина на купарскиот брег, на кој се противи Кипар.