Помпео го шармираше НАТО, но и предупреди на Иран и одбранбените буџети

Само дванаесет часа откако беше именуван за американскиот државен секретар, Мајк Помпео, престојуваше во петокот во седиштето НАТО во Брисел, што европските сојузници го толкуваат како силна поддршка на институцијата којашто своевремено американскиот претседател Доналд Трамп ја нарече застарена.

Во денот исполнет со затворени состаноци со министрите за надворешни работи на земјите членки, американскиот државен секретар Мајк Помпео ги шармираше своите сојузници со острите критики против Русија и поцврст став од својот претходник Рекс Тилерсон, но истовремено го пренесе веќе познатиот став на американскиот претседател Доналд Трамп дека очекува тие да ги зголемат издвојувањата за одбраната, оценува Reuters.

Не ветил дали неговиот претседател ќе се задржи во иранскиот нуклеарен договор од 2015 година, туку наместо тоа предупреди дека Трамп би можел да се повлече доколку значително не се измени споменатиот договор за кој според членките на Алијансата од Европската унија не може повторно да се преговара.

„Одлуката не е донесена, нашите луѓе работат на тоа и мораме уште многу да разговараме за да го постигнеме она околу што нашиот претседател беше јасен. Без значителни подобрувања, без отстранување на недостатоците од договорот, малку е веројатно дека ќе остане во него“, истакнал Помпео на прес-конференцијата.

Помпео најавил дека тоа ќе биде тема и во продолжението на неговата турнеја којашто ја продолжува во Саудиска Арабија, Израел и Јордан.

Новиот американски државен секретар ги притиснал сојузниците да ја исполнат целта на НАТО и да започнат да издвојуваат најмалку два отсто од својот бруто домашен производ (БДП) за одбраната, од што 20 отсто на набавка на воена опрема. Додал дека тоа ќе биде централната тема на самитот на НАТО на 11-ти и 12-ти јули на кој е најавено дека ќе присуствува и Трамп.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.