12.8 C
Skopje
четврток, април 25, 2024

Помпео: Италијанците да не се зближуваат со Кина

Американскиот државен секретар Мајк Помпео при посетата на Италија изјави денеска дека е загрижен за плановите на Кина за проширување на економското влијание во земјата, а Рим вети дека ќе биде буден кога ќе развие 5G технологијата.

Соединетите држави постојано ја повикуваа Италија, седиштето на неколку големи американски воени бази, да не ги продлабочува односите со Кина. Помпео рече дека ја повторил поканата на состаноците со Луиџи Ди Мајо, шефот на италијанската дипломатија.

„Министерот за надворешни работи и јас долго време разговаравме за загриженоста на САД во врска со кинеската Комунистичка партија што сака да го зголеми своето економско присуство во Италија заради сопствените стратешки интереси”, рече Помпео на заедничката прес-конференција.

„Соединетите држави исто така ја повикаа италијанската влада внимателно да ги разгледа ризиците на кои се изложени националната безбедност и приватноста на граѓаните од технолошките компании поврзани со Комунистичката партија на Кина“, додаде Помпео.

Ди Мајо рече дека Италија е целосно посветена на своите западни партнери и дека ја разбира американската позиција.

„Кога станува збор за 5G, му реков на државниот секретар Мајк Помпео дека сме многу свесни за загриженоста на нашиот американски сојузник и дека целосно ја разбираме одговорноста со која се соочува секоја земја кога станува збор за безбедноста“, рече италијанскиот министер.

Италија го вознемири Вашингтон минатата година кога се приклучи на кинескиот меѓународен инфраструктурен проект, иницијативата „Појас и пат“. Но, досега имаат малку корист од иницијативата.