Помпео: Кина е централна закана на нашето време

Кина е централна закана на нашето време, оцени денеска американскиот државен секретар Мајк Помпео, по средбата со неговиот британски колега Доминиќ Раб во Лондон.

Тој додаде дека САД и сојузниците мора да обезбедат воена и технолошка моќ за да овозможат „во овој век да владеат западните принципи“.

-Иако ние сè уште мора да бидеме исклучително будни во врска со тероризмот, кинеската Комунистичка партија е централна закана за нашето време, потенцираше Помпео.

Тој додаде дека Кина има огромна економија, со неверојатен деловен потенцијал, но дека Комунистичката партија јасно стави до знаење дека нејзината агенда не е во согласност со западните вредности, особено во однос на технологијата, Светската трговска организација, инфраструктурата и воените способности.