Помпео не сака јавно да поддржи решение со две држави на израелско-палестинскиот конфликт

Американскиот државен секретар Мајк Помпео одби во средата јавно да каже дека администрацијата на претседателот Доналд Трамп сѐ уште го поддржува решението со две држави на деценискиот израелско-палестински судир.

„Работиме со многу страни за да споделиме што е нашата визија за тоа како да се реши проблемот“, изјавил Помпео на сослушувањето пред Сенатот. Рекол дека администрацијата „работи на група идеи“ за мир на Блискиот исток, како и оти се надева дека тоа наскоро ќе биде претставено. Државниот секретар на САД додал и оти се надева дела тоа ќе даде основа за разговорите за решавање на израелско-палестинскиот судир.

Демократскиот сенатор Ти Каин го запрашал Помпео, поранешен републикански пратеник во Претставничкиот дом, дали мисли дека мировниот договор кој вклучува една држава за Израел и една за Палестинците, е застарена идеја.

„Тоа бездруго е идеја којашто постои веќе долго време, сенаторе… Во крајна линија, поединци во регионот ќе го решат ова“, одговорил Помпео.

Претходно во средата беше објавено дека партијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху добила најмногу мандати на парламентарните избори и оти Нетајаху го отворил патот кон рекордниот петти мандат како премиер во коалиција со религиско-десните партии, иако главниот противкандидат од политичкиот центар беше блиску според освоените гласови.

Нетанјаху ретко зборуваше во кампањата за израелско-палестинскиот конфликт, но ги разгневи Палестинците кога рече дека ќе ги анектира еврејските доселенички населби на окупираниот Западен брег (од реката Јордан), доколку биде повторно избран. Палестинците бараат држава, којашто би ги опфаќала енклавите Западниот брег и Појасот Газа, со источен Ерусалим како главен град. Израел, пак, Ерусалим пред неколку години го прогласи за своја „историска и недделива престолнина“.Минатата година Доналд Трамп, по децении одложување од страна на низа американски претседатели го потпиша указот за законот со кој Конгресот го призна Ерусалим како израелска престолнина.

Трамп на 25-ти март годинава, во текот на посетата на Нетанјаху на Вашингтон, рече дека го признава израелскиот суверенитет над окупираната Голанска висорамнина, што претставува уште едно скршнување од традиционалните насоки на американската надворешна политика кога станува збор за израелско-палестинскиот судир. Израел ја зазема Голанската висорамнина, која е сириска територија, во 1967 година во текот на ткн Шестдневна војна и ја анектираше во 1981 година, но меѓународната заедница не го признава тоа.

Администрацијата на Трамп подолг период навестува дека ќе изнесе нов мировен план за Блискиот исток по одржувањето на изборите во Израел.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.