Помпео од Солун: Забрзана изградба на интерконекторот и надградба на нафтоводот Скопје – Солун

Американскиот државен секретар Мајк Помпео изрази поддршка од САД за геополитичката важност на енергетските проекти што се спроведуваат во поширокиот регион. Вчера македонска владина делегација присуствуваше на тркалезна маса „Регионална енергетска безбедност и соработка“, на која учествуваа вицепремиерите за економски прашања и за борба против корупцијата, Фатмир Битиќи и Љупчо Николовски, заедно со министерот за економија, Крешник Бектеши

Американскиот интерес неодамна се насочи кон уште два енергетски проекти, чија имплементација ќе ја приближи Грција до Северна Македонија и дополнително ќе ја зајакне политиката на диверзификација на изворите на енергија. Ова е интерконекторот за гасовод помеѓу Грција и Северна Македонија, проект кој беше во центарот на средбите што ги имаше премиерот на соседната земјаЗоран Заев за време на неговата неодамнешна посета на Атина, како и надградбата на постојниот нафтовод меѓу Грција и Македонија, анализира утрово „Катимерини“.

На форумот учествуваше уште и амнасадорката на САД во Скопје, Кејт Мари Брнз. Од американска страна, покрај Мајк Помпео, на состанокот присуствуваше и заменик министерот за надворешни работи задолжен за енергетика,Франсис Фејнон, државен потсекретар за Европа и Евроазија, Филип Рикер и амбасадорот на САД во Грција, Џефри Пјат.

Помпео во интервју на АНА-МПА рече дека регионот е мошне важен за диверзификација на енергијата во Европа и дека американскиот интерес има пошироко геостратешко значење.

– Политиката на претседателот Трамп за цела Европа е да ги зајакне своите капацитети со тоа што регионот ќе има разновиден сет на извори на енергија. И тој да не зависи од Русија и Газпром. Тоа претставува ризик и искрено ги чини луѓето повеќе пари за греење на своите домови без користење на други енергетски можности. Она што се обидовме да го направиме, можете да го видите со нашето спротивставување на „Северен поток 2“, и обратно, тука е нашата инвестиција и поддршка во напорите за интерконекција на областа во сè, што се однесува до овие различни извори на енергија, не само за гасот, туку и за нафтените деривати и нафтата. Утрово имав многу добри состаноци со високи претставници од Грција, од Северна Македонија, секој од нив рече дека американското учество тука е навистина уникатно, навистина исклучително и мислам дека тоа ќе значи поголема диверзификација во извори на енергија, поевтина енергија и нивно спроведување заедно со сигурни партнери, како што се компании од САД, рече Помпео на едно од прашањата.

За проектот на нафтоводот меѓу Грција и Северна Македонија, управуван од ЕЛПЕ, се одржа состанок во Солун под претседателство на министерот за животна средина и енергетика на Грција, Костас Хацидакис, двајцата вицепремиери и министерот за економија на Македонија, како и Брнз и Фејнон.