Помпео потврди дека Трамп ѝ дозволил на морнарицата уништување на ирански пловила, и САД да ги преземат сите мерки за заштита од Иран

(U.S. Navy via AP)

Американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави во средата дека претседателот Доналд Трамп не му наредил само на министерството за одбрана, туку на целата влада, да преземе мерки за осигурувањето на безбедноста на земјата и нејзините граѓани од можни „деструктивни активности“ од страна на Иран.

Претходно во средата американскиот претседател Доналд Трамп објави дека на американската воена морнарици ѝ наложил да пука врз секое иранско пловило коешто ги попречува пловидбите на американските бродови во Персискиот залив и регионот.

„Ја упатив американската морнарица да пука и да уништи секое иранско пловило коешто ги вознемирува нашите бродови“, напиша Трамп на Twitter по изминатата седмица тензии во Перискиот залив.

„Што се однесува до (указот за американската морнарица), за што денеска објави претседателот Доналд Трамп, тој даде многу јасни упатства за министерството за одбрана да стори сѐ што е потребно за заштита и безбедност на нашите војници и дипломати во светот. Колку што сум запознает, претседателот ги повика сите во владата да ги преземат соодветени неопходни мерки за безбедност на нашите граѓани. Сигурен сум дека министерството за одбрана ќе го стори тоа“, рече Помпео во средата на брифингот со новинарите.

Претходно во средата заменикот министер за одбрана Дејвид Норквист се обиде да ја ублажи објавата на Трамп, оценувајќи дека таа претставува „важно предупредување за Иранците“.

Американската армија минатата среда објави дека 11 бродови на иранската Револуционерна гарда неколкупати им се приближиле на американските воени бродови во Персискиот залив на „опасен и вознемирувачки начин“. На американските бродови им се приближиле со голема брзина, а во некои случаи тоа било само на 9 метри растојание, соопшти командата на морнарицата на САД.

Инцидентот наводно се случил во меѓународните води во текот на вежбите во кои биле вклучени и борбените хеликоптери од типот „Apache“. По американската објава минатата среда, иранската Револуционерна гарда возврати во петокот дека ќе одговори на „секое погрешно дејствување“ на САД во Персискиот залив.

Помпео на брифингот во Стејт департментот уште рече дека Иран води кампања на ширење дезинформации во врска со ситуацијата со коронавирусот.

„Иран тврди дека му се потребни ресурси за спречување на ширењето на заразата на коронавирусот во земјата, а истовремено лансира сателит… Се надевам дека Иран ќе одговори на потребите на своите граѓани, користејќи ги ресурсите коишто ги поседува, за да го осигури здравјето и безбедноста на населението“, рече шефот на американската дипломатија без да даде појаснувања.